Македонски стрип-автори имаа претставување на фестивал во Ужице

Томе Трајков на фестивалот во Ужице

На покана на Градскиот културен центар на Ужице (соседна Србија), како еден од гостите на третото издание на стрип-фестивалот „Ужички стрип сусрети“, што се одржа на 22 и 23 април, беше поканет и Томе Трајков, програмски координатор на Македонскиот стрип центар со седиште во Велес.

Посетата на фестивалот финансиски беше поддржана од Министерството за култура на РС Македонија, како дел од Годишната програма за Меѓународна соработка за 2024 година.

– Престојот во Ужице го искористив за присутните, преку посебна панел-дискусија, но и неформална комуникација, да ги запознам со актуелната стрип-сцена во Македонија. Се разбира дека акцент се даде и на долгогодишната работа на Стрип центарот на Македонија и делување во интерес на македонските автори, стрип-групации и воопшто, целокупната стрип-сцена. На крајот организирав стрип-изложба од домашни автори, учесници на последниот Интернационален стрип-салон во Велес, како најзначајна стрип-манифестација (фестивал) во светот на деветата уметност во Македонија.

Беа изложени дела на македонски цртачи од поновата генерација: Славица Купенкова, Ангела Петрушевска, Евгенија Трајковска, Матеа Аризановска, Вилма Дамњановска, Елена Апостоловска, Влера Чиче, Катерина Тери Николовска (сите од Скопје), потоа Методија Андоновски и Анастасија Недељковска од Куманово, Оливер Цветковски од Велес и Теодора Христова и Михаела Васкоска од Битола. Како сценаристи на некои од делата беа застапени Ване Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип.

Од другите гости на фестивалот, повеќето реномирани стрип-артисти од регионот, се слушнаа доста комплименти за талентот на изложените стрип-автори и изразена подготвеност за развивање на идна меѓународна стрип-соработка – нагласува Трајков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот