Фото: Промо

Театарска рецензија на Весна Петрушевска за претставата „Марта Верина“: Марта – игра на тишината и страста

„Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски; режија Нина Николиќ; копродукција „Перипетија“ и Македонски народен театар; премиера 8 ноември 2024; праизведба на текстот.

Последниве неколку децении македонскиот театар има драмска авторска криза, поради тоа што драмските автори нудат многу малку текстови кои се игриви и гледливи во исто време. Оваа криза на отсуство генерира извонредно многу недостатоци во процесите на развивање на театарската сцена. Ова со себе повлекува и носење под рака една патерица, како метафора на нашата стекната и условна неспособност. Со тоа се подразбира дека ќе влезеш на претстава каде слушаш македонски драмски текст со еден сомнеж и никакви очекувања. Драгана Лукан има завршено 2010 година на ФДУ во Скопје на Катедрата за драматургија, магистрира на филмско и телевизиско сценарио. Има напишано 5 драми во периодот од 2009 до 2024, а е автор и на неколку ТВ и филмски сценарија. Се работи за авторка која е доследна на своето перо, аналитична и практична во изразот. Нејзините реплики во „Марта Верина“ се кратки кога е потребно, а монолошките форми се истражени и пишувани за една актерска динамика во современиот театар. Се занимава со теми кои најчесто сакаме да ги прескокнеме или да ги тривијализираме во најмала рака. Таа преку својот прецизен хумор ги пласира сите горчливи теми на женско -машките односи, абортусот, забранетата љубов, лажните општествени норми, бракот како форма, децата како спас на бракот и животот како потрошен материјал.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Лукан треба да пишува интензивно и понатаму со својата дискретна бруталност и да биде на првиот фронт во македонската драматургија.

Режисерката Нина Николиќ многу свесно игра преку сценографските решенија на Илина Ангеловска, една длабочина на малата сцена и на тој начин онаа мала сцена, која ја знаеме, ја претставува како нов терен за играње. Во мракот на исчекување одеднаш има капки дожд како дигитална визуелизација која навестува една мисловност кај гледачот. Сцената е поделена на два дела, како дневна со трпезарија и интимниот дела на Марта, кој секогаш игра и напред и назад. Одеднаш станува јасно дека бравурозноста на Илина е во деталното и јасно одредување на простор кој таа ни го наметнува и веруваме од самиот почеток во теренот на кој ќе излезат актерите. Режисерката игра со бои во одредени сцени, па така сината боја ја дефинира ладнотијата на емоциите, портокаловата која неодоливо потсетува на Бертолучиевата боја низ целиот филм „Последно танго во Париз”, која е топлина, семејна, возбудувачка, жолтата како енергија и стимулација на дејствието и виолетовата како симбол на имагинација и соништа.

„Марта Верина“ е текст кој само навидум е напишан лесно, колквијално, а репликите кои ги слушаме се веќе некаде слушнати и изговорени, но во контекст со поезијата на Ацо Шопов го достигнуваат нивото на безвременски.

Овој текст се занимава со сексуалноста која преку играта на Дарја Ризова е поставена ненаметливо, секојдневно и без тронка вулгарност. Размената на хемијата помеѓу партнерите е тешка за разбирање, а особено тешка за да се одигра.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Приказната која ја раскажува Лукан е преплетена со ликови кои се од страната на афектуираниот живот. Ликови кои се сеприсутни околу нас и секогаш имаат нешто погрешно да те советуваат, ликови кои се бескрајно мрзеливи во својата развојна линија на живеење на животот. Тие маргинални ликови во оваа пиеса стануваат гротескни, смешни и тажни. Весна Јасна, Коста, Кристина играат хант низ цело дејствие како еден вид коментар на сцените кои се случуваат помеѓу Иван и Марта. Кирил е коментар на сите оние средовечни мажи кај кои кризата никогаш не престанала, таа трае.

Амернис Нокшиќи во улогата на Кристина е игрива, насмеана, со неодолива озборувачка мисија, сочуствителна и духовита. Нејзиниот лик кога се појавува на сцена не треба дополнително објаснување, го игра ликот лесно без намера за допаѓање и прецизно точно за една пензионирана техно-женска од деведесеттите.

Софија Трифуновски во улогата на Весна е нитка на сите ликови кои ја делат хантовската маса, еден од оние карактери кој секогаш сака да знае што се случува ,но никогаш да биде дел од вистината. Игра во дадените околности на ниво на инстинкт, што е веќе работа и на нејзиниот актерски израз.

Билјана Драгичевиќ во улогата на Јасна, игра препознатлива рамка на жена која упорно со својата сервилност кон сопругот и општествените норми очајно се обидува да го спаси својот изгубен брак. Нејзината грижа за синот кој веќе има 23 години е излитена потреба да држиш излог на добра мајка и сопруга. Не постои простување на неверство, постои да се стави некаде во некоја долна фиока и таа секогаш по правило се отвара и се истура на сред соба. Драгичевиќ со леснотија го игра овој нејзин прозорец на добар и стабилен брак, но играта на слоеви не ја напушта во ниту еден момент.

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Благој Веселинов игра маж во свои недоветни средни години и тоа го пласира ненаметливо, исклучително духовито, гротескно и точно. Таа неформалност во држењето на тело, постојаната потреба за здрав живот, не сакањето да се помириш дека немаш повеќе 25 години е една успешна порака кон гледачите затоа што секој од нив се препознава. Недостатокот на емпатија кај Кирил во нашето секојдневие е нормална состојба, што оди дури дотаму да се препознаваат аутистични спектруми на овие ликови. Таа несигурност во ликот ја покрива со егзалтирана несигурност и свесно повредува блиски околу себе.

Коста кој го игра Саша Хоџиќ, е лик кој е највеќе пишуван за да разбие конвенционалности, тој многу допадливо пласира еден врцлив хомосексуалец кој точно и со прецизна намера пласира реплики кои се коментар на едно друштво во кое најголемите вредности се во натпреварот кој повеќе знае за оној другиот. Хоџиќ е сериозен актер кој иако доаѓа од Босна со невидена леснотија и точност го говори македонскиот јазик. Неговиот портрет на хомосексуалец во средни години го игра ненаметливо, употребувајќи го говорот на тело како постулат за градење на еден лик и на тој начин неговиот Коста не е тривијален израз.

Григор Јовановски го игра младиот Иван или Вања, кој има пред себе тешка актерска задача да биде љубовник и бунтовник. Во оваа смисла тој е одлично воден од режисерката Николиќ за да не претера и да биде момче кое му се случува слична приказна како Бенџамин од „Дипломец“ каде неговите родители ја тераат приказната да се ожени за добра и успешна жена, во добро семејство и завршува со мајката на девојката. Тука Вања се вљубува во бившата љубовница на татко му Кирил. За ралика од Бенџамин кој свесно потклекнува на госпоѓа Робинсон, овде тој доживува своевидна акутна психоза кога открива која е Марта.

Марта е клучот на сите несакани бебиња, отфрлени жени, пропаднати врски, несреќни љубовни приказни која преку симболот на името од нејзината мајка таа ја потцртува нејзината идентификација, да е на Вера, Верина. Свесно ја одредува својата припадност скоро како географски топоним и не отстапува од тоа.

Ризова ја игра Марта со комплексноста на една жена исфрлајќи го на фронт абортусот кој не бил по нејзина волја и кој ја инвалидизира емотивно низ целиот нејзин живот. Влегува со задршка во врска со младиот Вања не знаејќи за неговата фамилијарна историја, но секако нејзиниот инстинкт некако ѝ вели дека потсетува на нејзината најголема љубов, Кирил.

Публиката испушта една воздишка кога самата поврзува во меѓу сцените дека е тој син на Кирил и повторно е тука режисерскиот клуч на Николиќ, која многу мајсторски ја открива таа перверзност во приказната.

Марта е современиот израз на Стриндберговата Јулија која е изневерена, оставена, отфрлена и напуштена од мажот кој ѝ го одредува подоцнежниот живот. Раѓањето на новиот животно втор пат сега со синот на Кирил е сега нејзина крајна одлука. Ризова е веќе голема актерка која и при изборот на улоги ја докажува својата зрелост и доследност. Ненаметливата актерска игра која е полна со подтексти и реплики кои ги пласира преку молк и солзи, ви дава една димензија на тоа колку женската сензуалност и ранливост се потценети категории во опстанокот на животот. Актерка која дава една сосема нова визура на актерската игра и која е повеќеслојна. Марта се сите демони на една жена. Низ тие состојби Марта е секоја жена десно од вас.
Во оваа претстава костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска се ненаметливи и функционални. Без непотребни китења на костимот кој би одвлекол внимание, тука тоа е спастрено и точно, а сепак со мали назнаки кои помагаат на ликовите и на нивната присутност.

Музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе е одличен коментар на емотивните состојби во претставата. Таа навидум гласност се надополнува со стиховите на Шопов кои ги говори Григор Јовановски и тоа звучи провокативно, а влијае мисловно на гледачот. Еден сосема нов приод на тоа како може поезијата и електронската музика да дадат една сосема нова предлошка, а не патетична како досега кога говорат поезија и по некое правило има ужасно здодевна музичка илустрација. Музиката во оваа претстава е дел од кастингот која си има своја ролја.

„Марта Верина“ е претстава која недостасуваше за да ги привлече сите генерации во публика, особено онаа која секој од нас може да најде дел од себе.
„Марта Верина“ е приказна за сите нас во ова време кога сите вредности се загубени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот