Театар на сенки: Онлајн формат на фестивалот „Сонот на облачето“

Театарската трупа „Сенки и облаци“ од 24 до 26 декември го реализира осмото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, овој пат во онлајн формат преку Фејсбук. Станува збор за единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, кој веќе осма година, и во услови на пандемија, успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки.

Покрај десетте претстави од домашни и странски театарски трупи, на фестивалот театарџиите во онлајн дебата разговараа на тема „Сенки во време на пандемија“, додека на последниот фестивалски ден, во сабота, ќе се одржи работилницата „Сенки без маски“.

Театарот „Сенки и облаци“ постои од 2005 година и играта со сенки и светла е единствениот театарски израз кои тие го негуваат. Во својот репертоар имаат сосема различни претстави кои тематски видливо се разликуваат една од друга, но нишката што ги врзува е уникатната естетика и едноставниот, на моменти наивен израз, кој му дава посебен шарм на пренесувањето на приказните. Тие нудат поинакво уживање, ја воведуваат својата публика во еден нов свет, кој дотогаш е за нив непознат, и со магиска моќ ја водат до самиот крај.

Нивниот театар во Дебар Маало трпеливо ја очекува својата публика по завршувањето на пандемијата, а дотогаш дел од активностите се одвиваат на отворено и онлајн. Фестивалот „Сонот на облачето“ е во организација на Театар „Сенки и облаци“, а поддржан е од Министерството за култура и од Асоцијацијата за развој на нови опции (АРНО).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 62, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот