Таткото на Вања ја напушти судницата: „Како заложник, немам што да додадам“

Обвинителството бара Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска, кој беше ослободен од првостепениот суд за помагање при грабнувањето на неговата ќерка, да биде осуден. Обвинителот Дарко Јакимовски денеска пред Апелацискиот суд ја презентираше жалбата. Тој рече дека „Ѓорчевски има вина во грабнувањето на Вања“, а како доказ го наведе тоа што им кажувал како да се облечат тоа утро на своите ќерки преку телефонска порака.

– Тој ја дал информацијата која не ја знаел никој освен помалата ќерка и сопругата – рече обвинителот.

Во своето образложение Јакимовски рече дека во пресудата нема анализа на доказите.

– Александар има клучна улога од првото, до второто дело. Сè до неделата во попладневните часови, одлука за грабнување на Вања нема. Токму кога е донесена одлуката, Палевски ги повикува Манев и Видевски да дојдат во Скопје. Во моментот кога се во партијата „Десна“, тогаш таткото им праќа порака на децата да се облечат небаре ќе одат на планина. Потоа однесувањето на Александар утредента каде повторувал: „Детето е грабнато и убиено“, по што се упатува накај Качанички пат, по патеката на којашто е однесена Вања во гепек. Тој споменувал: „Да не е постар човек грабнувачот?“. И зошто ако не е виновен, мајката и сестрата на Вања се придружуваат на кривичниот прогон? Ништо од ова судот не анализирал и не заклучил – рече Јакимовски.

Адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ рече дека првичната пресуда на судот е правилна и очекува Апелација тоа да го потврди. Тој рече дека е опасен преседан, тврдењето дека „било логично да нема комуникација меѓу Ѓорчевски и другите обвинети за убиствата на Вања и Панче Жежовски“. Адвокатот посочи дека Врховниот суд го оценувал случајот и кога би имало „макар еден промил“ доказ за вмешаност на Александар Ѓорчевски, постапката и пресудата би биле поинакви.

– Жалбата на Обвинителството е неоснована, првостепениот суд донесе единствено праведна одлука во ситуација кога јавниот обвинител во завршните зборови јасно и недвосмислено кажа дека докази за Александар немаат. И денеска јавниот обвинител се задржа на образложението зошто нема докази. На страна 290 последен пасус првостепениот суд правилно заклучил дека од изведените докази целосно се исклучува уште некоја разумна можност за поинаков заклучок. Опасен преседан се наводите на обвинителството дека било логично да нема докази. Токму поради фактот што нема ниту еден доказ за било каква комуникација меѓу Александар и другите лица ниту во првиот неуспешен обид за грабнување ниту во вториот за жал успешен обид за грабнување на детето Вања, апелациониот суд треба да ја потврди ослободителната пресуда бидејќи оваа постапка била предмет на оценка и пред Врховниот суд, па оттаму доколку постоеше еден промил кој укажува на учество на Александар во овој грозоморен чин, убеден сум дека текот на оваа постапка ќе беше поинаков како и самата пресуда, вели Туфегџиќ.

Ѓорчевски на сево ова кратко одговори.

– Од оваа позиција во која се наоѓам како заложник, немам што дa додадам – и ја напушти судницата и со дозвола од судот не присуствуваше на изнесувањето на одбраната на другите обвинети.

Кривичниот суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски го ослободи.

Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев бараат пресудата да биде укината и предметот да се врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.

Адвокатот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски вели дека има 50-тина суштествени повреди на постапката.

-Има преку 50-тина суштествени повреди во постапката што се направени и наведени во жалбата. Една од нив да прифати судот, пресудата ќе треба да ја укине, рече Страшевски.

Адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев вели дека мора да се утврди фактичката состојба и да се изведат докази.

-Ние мораме целосно да ја утврдиме фактичката состојба односно да ги изведеме сите докази. Без изведувањето на доказите нема ништо да направиме и сметам дека овој судечки совет ќе има доблест да ја укине првостепената пресуда и да го врати предметот назад, рече тој.

При сведочењата во првостепената постапка, Манев и Кешишев го посочија Љупчо Палевски како егзекутор, кој директно им пукал во глава на двете жртви. Палевски и Видевски, пак, негираа вмешаност во грабнувањата и убиствата.

Судија-известител од Скопска апелација за овој предмет сега е судијката Лирие Елези-Ајрулау, откако претходно му беше одземен на судијата Ѓоко Ристов, кој сега е во куќен притвор поради истрага за 350 илјади евра, заѕидани во ѕид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот