Таткото на Леонид за „Слободен печат“: Одговорните од ФЗОМ одбија да покријат 140 илјади евра за лекувањето на син ми, зашто можел да се лекува во Македонија, а не кажуваат каде!

Бранко Индов, татко на младиот Леонид кој со хеликоптер беше транспортиран на лекување во Виена, за „Слободен печат“ вели дека Фондот за здравство (ФЗОМ) денеска одбил да го покрие лекувањето на неговиот син. Донациите што се собрани од хуманите граѓани ќе покријат 3 месеци од лекувањето на Леонид во Австрија, но трите месеци кои следуваат, нема кој да ги покрие бидејќи Фондот за здравство го одбил барањето на семејството. Станува збор за сума од 140 илјади евра којашто семејството не знае од каде да ја најде. Дополнително, ќе им бидат потребни и пари за кога ќе се врати Леонид во Македонија. Оваа одлука на ФЗОМ доаѓа откако пред десетина дена Леонид беше транспортиран со помпа и со хеликоптер на МВР во Австрија, во центар за рехабилитација. Стануваше збор за ризичен и комплексен транспорт зашто младиот пациент е на респиратор.

Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што го повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, па дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите.

– За Леонид долго време се обидувавме да добиеме донации да го однесам на лекување. Тој дише на респиратор и во октомври бевме на КАРИЛ. Од октомври го префрливме во „Жан Митрев“ и сите доктори и стручни лица кажаа дека толкаво е знаењето во Македонија и мора да го носиме во странство. Најдов установа во Австрија која во таква состојба би го примила. Таму најдов разбирање и не морав целата сума да ја платам одеднаш за да можам да собирам полека финансии. Платив еден дел, но постапката ја водам и пред Фондот за здравство. Денеска оттаму добив решение дека го одбива лекувањето на Леонид во странство, како неосновано. Зошто? Образложението е дека тоа било рехабилитација и дека имам склучено договор со ФЗОМ. Прво, немам склучено договор со ФЗОМ и дека во Македонија има установи што можеле да го лекуваат, а не ми наведуваат кои се тие установи кои можеле да го третираат во таква состојба во каква што е Леонид. Ги имам лицата што се потписници на записникот и сакам јавно да ги прашам, како тоа ќе ми објаснат каде во Македонија ќе го лекувам Леонид? За Леонид во Македонија добив само еден декубит на КАРИЛ со кој го уназадија со години мојот син. Сите вежби што треба да му ги прават и испитувања во Австрија, не може да му ги прават поради тој декубит. Таа рана е огромна и не може ни пластична операција да му се направи во моментот. Добро беше што го префрлив од КАРИЛ во „Жан Митрев“ зашто го спасив детето од сигурна смрт, изјави за „Слободен печат“ таткото на Леонид, Бранко Индов.

Тој додава дека има фотографии во каква состојба бил неговиот син кога бил примен во „Жан Митрев“.

– Имам слики каков беше кога го примија во „Жан Митрев“ со декубитот. Тоа ми е доказ мене. Зборував со австрискиот аташе кога поднесував барање за виза за Леонид. Патем, бесплатно му ја издадоа визата на Леонид поради состојбата и тој децидно пишува дека таткото го изнел од државната институција „Мајка Тереза“ и го префрлил во приватна клиника за да го спаси детето од сигурна смрт. И во ФЗОМ им ја прати сликата. Во ФЗОМ сите креваат раменици, велат не можеле да покријат рехабилитација и така натаму. Имам човек од Австрија што веќе реагирал во ФЗОМ. Дали треба и претседателот на Австрија да им каже дека тука нешто не е во ред? Ова што го правам не го правам само за Леонид, туку и за другите деца што треба да одат да се лекуваат во иднина. Има уште две деца како Леонид, со таа разлика што тие дишат самостојно, а Леонид е на респиратор. Син ми Леонид има добиено преку 30 инфекции од бактерии во КАРИЛ кои во „Жан Митрев“ му ги третираа. Јас од КАРИЛ, фала им многу, и бактерии и рана добив за детето. Тоа е страшна работа. Никој мене не дошол како татко да ме праша како ми е, како живеам и како преживувам. Кај нас секој ден е хорор. Да имаа трошка грижа на совест, разбирање за нашата состојба. Не знам зошто таа комисија на Фондот одлучи вака, изјави Индов.

Леонид се лекува во Австрија во траума-центар и има многу големи подобрувања поради новите методи и начини за осамостојување во дишењето.

– Гледам кај него искра надеж. Докторката што го прими таму на 5 јануари беше во посета на „Жан Митрев“, го виде Леонид и даде зелено светло да го примат во таа болница. Не може секој да оди во таа болница. Штом таа даде зелено светло, сигурно дека гледа надеж за него за помош, додаде родителот за „Слободен печат“.

Нашата редакција се обрати до КАРИЛ за одговор на прашањето дали е точно дека пациентот Леонид Индов излегол од клиниката со декубит и инфекции кои ги добил во текот на болничкото лекување и по добивањето на одговорот ќе го објавиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот