Татарите во Полска им помагаат на мигрантите на полско-белоруската граница

Мигранти на полско-белоруската граница
Фото: EPA-EFE/MAXIM GUCHEK

Томаш Мискиевич, муфтијата што ја води муслиманската заедница во Полска, помагањето на мигрантите кои влегуваат во земјата од Белорусија не е само прашање на вера, туку и на човечност, се наведува во репортажата на Ројтерс.

Мискиевич работи со Татарите Липка во источна Полска, група од околу 2000 жители кои припаѓаат на една од најстарите муслимански заедници во Европа, за да покаже дека и припадниците на таа вера се подготвени да помогнат. Татарите се малцинство во Полска каде 90 отсто од населението се католици, а Католичката црква игра огромна улога во општеството и политиката.

Околу 4000 мигранти, главно од Ирак и Авганистан, сега чекаат на ниски температури во шума во близина на полската граница, која е и надворешната граница на ЕУ.

– Без разлика дали некое лице има право да остане легално во Полска, секој има право на покрив над главата, топло сместување и оброци и добра облека, изјави Мискиевич за Ројтерс, пренесува Хина.

Мискиевич ја пофали иницијативата на црквата за обезбедување хуманитарна помош, велејќи дека муслиманите го прават истото.

Во изминатите четири недели, тој и водачот на татарската заедница Мачеј Шчеснивич работеа заедно за да ги поддржат мигрантите, како и војниците на границата.

– Луѓето од Полска и Германија испраќаат пакети, донации и средства за нашата област. Голема помош доаѓа и од нашата исламска заедница. Готвиме и супи за војниците, секојдневно служиме по околу 300 порции, рече Шчеснивич.

Најмалку осум мигранти починаа на границата, а погребот на 19-годишниот Сириец Ахмед ал Хасан во Бохоники, центар на дел од татарската заедница во Полска, беше првото збогување со жртва на актуелната криза во таа земја членка на ЕУ.

Мискиевич нагласува дека општеството треба да избегнува дополнително страдање, особено откако историјата покажала што се случи во нацистичките концентрациони логори како Аушвиц или за време на геноцидот во Сребреница.

– Сѐ уште не ја научивме таа лекција. Лекција за скромност: луѓето мора да си помагаат, заклучи тој.

Тензии на полско-белоруската граница – водени топови и солзавец врз мигрантите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот