Таравари ќе направи комисија да испита дали некој згрешил во случајот каде бебе почина 30 часа по раѓањето

Арбен Таравари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Министерот за здравство Арбен Таравари веднаш ќе формира Комисија од специјалисти за да се испита начинот на кој биле лекувани родилката и нејзиното бебе кое почина при транспортот од битолската болница кон Скопје.

-Денеска добив краток брифинг за тоа. Веднаш ќе направиме комисија, веднаш да излезат и да констатираат што се случило, рече Таравари.

Комисијата треба да утврди дали има пропусти во начинот на лекувањето на родилката Зимбрета Тунтевска и нејзиното бебе Лука кое почина 30 часа по раѓањето, при транспортот за Скопје од Битолската болница.

Како што објави „Слободен печат“ бебето било родено во битолската болница на 14-ти јуни годинава, но утредента починало на пат за Скопје, во самиот процес на транспорт во Детската Клиника поради претходно влошување на неговата состојба.

Иницијативата за формирање стручна комисија доаѓа од Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој го заврши својот надзор во битолската болница, во Детската клиника и во приватната ординација каде родилката ја контролирала својата бременост.

Од извештајот на ДСЗИ произлегува дека не е вистина она што битолската болница „Д-р Трифун Пановски“ го тврдеше за медиумите – дека Зимбрета Тунтевска имала неконтролирана бременост. Таа ја контролирала својата бременост, но не во битолската болница туку во приватна ординација на гинекологот Тони Анастасиевски каде таа била пациентка од декември лани.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат исто така констатираше дека пред да се породи со царски рез, мајката во битолската болница поминала процес на утврдување на крвната слика, направени ѝ биле анализи за фактори на коагулација и крвна група. Сите тие се стандардни процеси пред породување со царски рез.

По породувањето и наредниот ден, во саботата на 15 јуни, постојано во битолската болница била следена нејзината здравствена состојба и вршени биле лабораториски анализи.

Од увидот во неонатолошката документација е констатирано дека станува збор за доносено новороденче со АПГАР 5/7/7, при раѓањето со ливидна кожа, ослабен тонус, ослабени рефлекси и брадикардија.

Брадикардија е појава на невообичаено бавно биење на срцето со стапка на помалку од 60 отчукувања во минута. Веднаш е направена аспирација, вештачка вентилација, тактилна стимулација и срцева масажа. Ординирана е терапија, направени се лабораториски анализи, крвна слика и ацидобазен статус и во петокот и во саботата.

Поради влошување на клиничката слика на 15 јуни од страна на неонатолог од битолската болница по претходна консултација со анестезиолог од КАРИЛ и од ЈЗУ Клиника за детски болести Скопје извршен е транспорт со медицинско возило но во тек на транспортот доаѓа до дополнително влошување на општата состојба со брадикардија.

При прием на клиниката за детски болести новороденото е без срцева акција и дишење, спроведена е реанимација по протокол и смртта е констатирана во 16 часот и 55 минути.

Упатната дијагноза е респираторен дистрес синдром а причината за смрт е кардиореспираторна инсуфициенција.

Откако е констатирана смрт со истото амбулантно возило починатото новороденче е транспортирано назад во битолската болница. По враќањето во ЈЗУ Клиничка болница Битола, е обезбедена мртовечка придружница и упатница за патолошко хистолошки преглед, изјави од родителите и друга медицинска документација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот