Таравари би поддржал и малцинска влада, но вели дека АА е спремна и да раководи со институции

Арбен Таравари, претседател на АА/Фото: Архива

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечерва изјави дека за неколку дена ќе се знае дали тие ќе станат дел од владата или не. Тој тврди дека „оваа работа не е завршена“

АА, според лидерот, би можела да поддржи и малцинска влада, но подготвени е и да преземе одредени одговорности и да раководат со институции.

-Мислам дека за неколку дена ние треба да одлучиме. Јас планирам идната недела да свикам Централно претседателство и да ја завршиме оваа работа, рече Таравари за емисијата „Вин-вин“ на „Телма“.

„Добиваме јасни пораки дека не е добро во 2023 година да се оди на предвремени избори, би поддржале и малцинска влада без да добиеме министерско или директорско место и да бидеме „бекап“ на Владата, да обезбедиме кворум во Собранието, а Владата да се обиде да направи 80 пратеници за уставни измени“, вели Таравари.

-И ова сме го понудиле и јавно го кажувам, меѓутоа подготвени сме да земеме и одредени одговорности и евентуално да раководиме одредени институции, рече Таравари.

Претседателот на АА тврди дека за кадровски прашања воопшто не е разговарано на средбите со премиерот Димитар Ковачевски. На последната средба, најголем дел од времето зборувале за програмското усогласување. Но, тој вели дека една од нивните цели е борбата против корупцијата и дека со раководење во одредени институции тие би го покажале тоа.

Со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, Таравари вели дека имаат релативно добра комуникација и дека се сретнале двапати и дека нивната намера не е некој да излезе од Владата, туку и АА да даде свој придонес или однадвор или одвнатре.

Таравари посочува дека периодот во кој се наоѓаме како држава е „малку поинаков од оној што бил пред февруари во 2022 година“. Инвазијата на Русија во Украина, според него, сменила многу работи, а почетокот на процесот на скрининг на земјава, заедно со Албанија, нè доведува до ситуација во која не треба да се размислува само за рејтингот на партијата, туку и за доброто на обичниот граѓанин и на општеството.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како АА да мора да остане во опозиција.

-Ние со ова сакаме да испратиме порака и до ВМРО-ДПМНЕ. Таа од една страна останува со Левица и веќе се, да речам, за жал, стигматизирани дека едноставно го кочат процесот поради нејасна работа. Од друга страна, пак, не мислат дека ако Македонија не ги започне преговорите до крајот на годината, тоа е уште потрагично за државата, па и за луѓето, рече Таравари.

Според него, со бројка од 64 пратеници, многу потешко може да се стигне до бројката од 80 пратеници.

– Со една бетонирана бројка од 70 или 72, плус Беса која што мислам дека би гласале исто како Алијанса, без разлика дали се позиција или опозиција. Мислам дека е многу полесно да се стигне до 80 пратеници од 72 или 74 отколку во оваа состојба во која е актуелното мнозинство, изјави Таравари, според кого да има уставни измени потребни ќе бидат уште најмалку осум гласови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот