Танц-перформанс „Станица“ / Фотографија: Оливер Лук

Танц-фестивал во Шпанија како предизвик за креативниот потенцијал

Македонскиот танчар и кореограф Бојан Мицев гостува на реномираниот танцов фестивал „Абрил ен данца“ (Abril en Danza) во Аликанте, Шпанија.

Во рамките на интернационалната програма на 20 април, на сцената на „Театре Арничес“ (Teatre Arniches), ќе биде изведено делото „Станица“, кое е со кореографија на Бојан Мицев, a во изведба на Амбре Твардовски (Франција) и Бојан Мицев. Музиката е компонирана од македонскиот композитор Томе Темелкоски, а драматург е Брита Хорват од Германија.

– Да се биде во програма на еден ваков фестивал, каде што гостуваат еминентни светски танцови компании, е навистина привилегија и голем чекор во мојата кариера што ме полни со мотивација да работам, истражувам и да создавам нови дела. Чувството на возбуда расте од ден во ден, како и одговорноста да го изнесеме квалитетот на делото што беше препознаен од самиот фестивал – изјавува Мицев.

Претставата е премиерно изведена на 5 февруари 2023 година во Германија и со истата Бојан ја освои наградата од публиката „Höhenflug Förderpreis“ во мај 2023 во Оснабрук, Германија.

Македонската публика, исто така, имаше можност да ја види претставата во јуни 2023 година, на фестивалот „Креденце данце“ во Скопје, во организација на ФМУ, и во рамките на танцовата вечер „Компоненти“ во Штип, во организација на „Моушн нетворк“.

Фотографија: Ноеми Мартон

Бојан Мицев работи како танчар во танцовата компанија при Театар Оснабрук во Германија. Со богати сезони со по пет премиери и над 60 претстави, Бојан работи со голем број интернационални кореографи надградувајќи го танцовиот вокабулар, а во последните неколку години предизвикувајќи го сопствениот креативен потенцијал остава кореографски потпис низ териториите на Германија, Русија, Шпанија и Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот