Тајванската претседателка се повлече од функцијата шеф на партијата поради поразот на локалните избори

Тајванската претседателка Каи Инг-вен/ Фото EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Претседателката на Тајван Каи Инг-вен изјави дека се повлекува од функцијата шеф на владејачката партија по поразот на локалните избори.

Каи Инг-вен ги нарече општинските и покраинските избори во Тајван, одржани во саботата, тест што ќе ја покаже „отпорноста на Тајван и неговата решеност да ги брани слободата и демократијата“ во услови на тензии со Кина.

Сепак, нејзината Демократска напредна партија (ДПП) загуби четири од шесте главни градови на островот со 23 милиони жители, вклучувајќи го и главниот град Тајпеј.

„Не ги очекувавме овие резултати од изборите (…) Ја преземам целосната одговорност и веднаш поднесувам оставка од функцијата претседател на Демократската напредна партија“, изјави таа пред новинарите.

Партијата Куоминтанг (КМТ), која традиционално се залага за поблиски врски со Кина, иако остро ги отфрла тврдењата дека е про-Пекинг, освои најмногу позиции на градоначалници и шефови на општини.

КМТ ја обвинува Каи и нејзината ДПП дека се премногу конфронтирачки со Пекинг.

Каи Инг-вен сепак ќе остане претседател на островската држава и таа функција ја извршува од 2016 година.

Откако ја сврте страницата на децениското воено владеење во 1987 година, Тајван стана една од најдинамичните и најнапредните демократии во Азија. Ова е причина за загриженоста на соседна Кина, која островот го смета за дел од својата територија и вети дека ќе ја преземе контролата над него, доколку е потребно и со сила.

Откако на власт дојде Каи Инг-вен, чија партија всушност го смета Тајван за суверена земја, Пекинг ги прекина официјалните канали за комуникација со островот, ги засили воените вежби и го зголеми економскиот и дипломатскиот притисок.

Тензиите меѓу Тајпеј и Пекинг достигнаа врв во август, кога Кина одржа воени вежби во близина на Тајван за да го изрази гневот поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Куоминтанг во саботата објави дека „ќе работи напорно за да го зачува мирот во регионот“ и ќе се подготви за победа на следните претседателски и парламентарни избори во 2024 година.

Каи и ДПП победија на последните избори со големо мнозинство, а потоа ветија дека ќе се спротивстават на Кина и ќе ги бранат слободите на Тајван.

Вториот претседателски мандат на Каи истекува во 2024 година и таа повеќе нема право да се кандидира за функцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот