Тага и бес во Иран! На протестите убиена и позната инфлуенсерка

Фото: Инстаграм

Хадис Наџафи (23) е убиена на улица додека протестирала против строгите правила за облекување на жените во Иран, пренесува „Скај њуз“.

Ова доаѓа неколку дена откако видеото на Хадис Наџафи стана вирално на интернет среде протестите. На виралното видео, таа е видена како ја врзува косата во опавче без шамија, а наводно е застрелана во земјата, според извештаите.

На 25 септември, новинарката и адвокатка за правата на жените Масих Алинеџад ја сподели веста за нејзината смрт на Твитер заедно со деталите. Таа рече дека Хадис била застрелана шест пати од властите откако ја врзала косата не носејќи шамија и храбро зачекорила среде протестот во Караџ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by HADIS NAJAFI (@hadisnajafi78)


Да потсетиме, не стивнуваат протестите ширум земјата кои ги поттикна смртта на младата Иранка Махса Амини на 16 септември. Макса почина во болница во Техеран откако беше приведена од верската полиција. Таа почина под неразјаснети околности.

Хадис не била активистка, ниту отворено зборувала за еманципацијата на жените на интернет, но убиена е во својот роден град Караџ затоа што протестирала за правото на жените да живеат и да се облекуваат како што сакаат. Нејзината смрт го продлабочи гневот и незадоволството кај иранското население.

Хадис била припадничка на иранската генерација З, млада жена која пораснала со интернет и социјалните мрежи. Била поврзана со остатокот од светот на начин на кој нејзините родители не можеле ниту да замислат.

На ТикТок и Инстаграм објавувала детали од приватниот живот, а имала 72.000 следбеници. Хадис сакала да објавува видеа на кои танцува на најновите музички хитови, вклучувајќи поп музика и ирански пејачки. Нејзините профили на социјалните мрежи не би изгледале непримерно никаде на друго место во светот. Со насмевка на лицето, загледана во камерата, танцувала во својата соба во облека со интензивни бои.

Работела како касиерка во ресторан и со задоволство споделувала модни совети на Инстаграм. Се снимала себе со хиџаб, но често и без покривало на главата и лицето. Носењето хиџаб е задолжително во Иран, без разлика на вера или националност.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by HADIS NAJAFI (@hadisnajafi78)


Протестите се одржуваат секоја вечер од 16 септември, а и покрај меѓународните повици да се запре репресијата врз демонстрантите, власта продолжува грубо да се однесува кон нив, нарекувајќи ги „бунтовници“ кои „наштетуваат на безбедноста и јавниот имот“.

Жените на протестите си ги палат шамиите и хиџабите, а на социјалните мрежи споделуваат видеа на кои ја стрижат косата. Репресијата на иранските власти се прошири и на интернет. Пристапот до интернет е ограничен во неколку провинции, според NetBlocks, мониторинг група за блокирање на интернет.

Пред да се упати на протестот, не знаејќи дека ќе биде фатален за неа, Хадис снимила видео во кое вели дека верува во подобра иднина и им го испратила на пријателите.

– На крајот ќе бидам среќна… кога сѐ ќе се промени – рекла.

Еден час подоцна, била убиена. Таа била застрелана на неколку места, а на семејството му било забрането да ја посети во болница. Неколку медицински сестри добронамерно ги предупредиле членовите на семејството да си заминат, затоа што сметале дека може да бидат во опасност бидејќи Хадис била на протестите.

– Сопругот на една од сестрите на убиената девојка работи за Басиџ, иранска паравоена формација, па го пуштиле во мртовечницата за идентификација. Нејзиното семејство не го пуштија – открил семеен пријател.

Два дена подоцна, семејството се согласило со властите нејзиниот погреб да не биде јавен.

Но, пред погребот сепак ѝ дозволиле на нејзината мајка и сестрите да ѝ го видат лицето.
По погребот, сестрите Афсун и Ширин одлучиле да ги објават нејзините фотографии и да ѝ откријат на јавноста дека е убиена.


Според близок пријател на семејството, властите не сакале јавноста да дознае дека Хадис била застрелана, туку му наредиле на семејството да им каже на другите дека нивната ќерка загинала во сообраќајна несреќа или од природна смрт.

Сестрата на убиената Хадис објави видео од семејството собрано околу нејзиниот гроб. Сестрата Ширин објави снимка од мајка им која зборува за загубата на ќерката.

– Ќерка ми почина поради хиџаб, поради Махса Амини. Отиде на протест и ја убија, куршумите ја погодиле во срцето, во стомакот, во вратот. Имаше повреди по телото и лицето – раскажала во солзи.

Таа потврдила дека нејзиното семејство не смеело да оди во болница и дека викале на нив.

– Не сакаа да ни кажат каде можеме да ја пронајдеме и да ја видиме. Хадис беше зеницата на моето око. Оставете ги нејзините сестри на мир. Се чувствуваме ужасно. И Махса е моја ќерка. Сите убиени се мои деца, Хадис умре за Махса, и неа ја сакам, Хадис се жртвуваше за Махса, умре за неа – рекла „скршената“ мајка.

Иранските власти се плашат од вистината – 18 новинари уапсени од почетокот на протестите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот