Иранските власти се плашат од вистината – 18 новинари уапсени од почетокот на протестите

Фото: Твитер

Откако почнаа протестите поради смртта на младата Махса Амини, иранските власти уапсиле 18 медиумски работници, соопшти денеска Одборот за заштита на новинарите. Неколкумина од нив се одведени од своите домови во текот на ноќта, „без судски налог за апсење“, наведува Одборот.

Уапсени се и борци за човекови права, меѓу кои и Хосеин Ронаги, активист за слободата на изразување.

Како што пишуваат дел од медиумите, Ронаги ѝ побегнал на полицијата кога дошла да го приведе додека давал интервју за Иран Интернешнл, со седиште во Лондон. Меѓутоа, полицајците го пронашле и го привеле во саботата, заедно со неговите адвокат.

„Во контекст на големото насилство, иранските власти најпрво го ограничија пристапот до Ватсап и Инстаграм, а сега приведуваат новинари со јасна порака: не се допушта никакво ширење вести за протестите“, пишува во соопштението на Репортери без граници.

Оттаму побараа „новинарите веднаш да бидат пуштени на слобода, веднаш да се укинат сите ограничувања против правото на Иранците на информации“.

Меѓу уапсените новинари е и Нилуфар Намеди, која ја посети болницата каде лежеше во кома Махса Амини и придонесе за ширењето на информацијата за судбината на младата девојка. Амини почина по три дена во кома.

Се верува дека меѓу приведените е и фоторепортерката Јалда Моајреи, која стана позната по нејзината фотографија од антивладините протести во ноември 2019 година.

Според најновите податоци, во протестите има најмалку 41 жртва, а над 1.200 лица во Иран се уапсени од објавувањето на смртта на Амини на 16 септември.

Протестите започнаа откако девојката беше приведена од полицијата за морал, потоа претепана бидејќи, наводно, хиџабот не го носела правилно.

Полицијата одби да ѝ покаже на јавноста снимен материјал од комбито каде девојката е претепана. Оттаму наведуваат дека таа починала од срцев удар, иако семејството нагласи оти Амини била здрава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот