Тадиќ: Можно е скандалот во српското Собрание да е договорен од Вучиќ и опозицијата

Фото: Миа

Поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ денеска соопшти дека не ја исклучува можноста „скандалот“ во републичкиот парламент да го договориле претседателот Александар Вучиќ и дел од опозицијата, пренесе Бета.

„Ова е толку бизарно што не ја исклучувам можноста овој скандал во парламентот да е договорен меѓу Вучиќ и дел од опозицијата, бидејќи и за двајцата медиумските настапи и личниот рејтинг се над угледот и интересите на Србија, објави Тадиќ на Твитер.

Тој го обвини претседателот на Собранието, Владимир Орлиќ, дека „бесрамно“ ја обвинува опозицијата за напади додека „Пратениците на СНС пцујат и физички им се закануваат на пратениците од опозицијата“.

„Овие слики од собранието се сведоштво дека оваа власт ги уништи темелите на нашето општество, а не само на институција како собранието…Скандалозно однесување на претседателот на Србија, најголемиот дел од власта и најголемиот дел од опозицијата“, напиша Тадиќ.

Тадиќ потсети дека Вучиќ пред неколку дена изјавил дека ќе ги спроведе принципите на француско-германскиот предлог за решавање на косовското прашање.

Попладнево целосен хаос се случи во српското собрание, каде српскиот претседател Александар Вучиќ се обрати пред пратениците, објавувајќи ги деталите од европскиот предлог.

Претставници на српската опозиција, предизвикаа инцидент и го прекинаа излагањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за европскиот предлог за решение за односите со Косово.

Говорот на Вучиќ беше прекинуван со извици „Предавство“ и „Косово е Србија“, по што тој ја обвини опозицијата дека таа веќе го дала Косово.

„Го подаривте Косово! Ние го браниме Косово од такви како вас! Срам да ви е, лажговци!“ извика српскиот претседател.

Вучиќ ја обвини опозицијата дека најмногу ракоплескала кога се споменувало името на поранешниот претседател на Србија, Воислав Коштуница.

Во исто време пратениците извикуваа, пееја и свиреа за да го спречат Вучиќ да зборува.

На инцидентот му претходеше говор на лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, кој повика на отфрлање на француско-германскиот план, сакајќи, како што наведе, „да го спречи претседателот да ја предаде Србија“.

Во Собранието на Србија работата беше накратко прекината, бидејќи по вербалниот конфликт меѓу опозицијата и претседателот Вучиќ дојде и до физичка пресметка.

Помала група луѓе се собрааа пред српскиот Парламент во моментот додека трае седницата за Косово, која, според претседателот на Собранието Владимир Орлиќ, ќе продолжи и по 18 часот.

ВИДЕО | Вучиќ: Европскиот план предвидува да не се противиме на членство на Косово во меѓународните организации

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот