СЗО: Вирусот на хепатитис убива 3.500 луѓе дневно
Повеќе од 3.500 луѓе умираат секој ден од вирусот на хепатитис, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи на одлучна и брза акција во борбата против вториот најголем убиец меѓу заразните болести.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Новите податоци од 187 земји покажаа дека бројот на смртни случаи од вирусен хепатитис се искачил на 1,3 милиони во 2022 година, што е за 200.000 повеќе од три години порано, според извештајот на СЗО објавен заедно со Светскиот самит за хепатитис, кој оваа недела се одржува во Португалија.
– Ова се алармантни трендови – изјавила на прес-конференција Мег Доерти, водителка на глобалните програми на СЗО за ХИВ, хепатитис и сексуално преносливи инфекции.
Меѓу починатите од хепатитис, 83 отсто подлегнале на хепатитис Б, а 17 отсто на хепатитис Ц.
Постојат делотворни и евтини генерички лекови кои можат да ги лекуваат.
Сепак, само три отсто од оние со хроничен хепатитис Б примиле антивирусна терапија до крајот на 2022 година, се наведува во извештајот.
Само 20 отсто или 12,5 милиони луѓе биле лекувани од хепатитис Ц.
– Овие резултати се далеку под глобалните цели до 2030 година за лекување на 80 отсто од сите заболени кои живеат со хроничен хепатитис Б и Ц – рекла Доерти.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, нагласи дека податоците од извештајот се загрижувачки.
– Иако бројот на инфекции паѓа на глобално ниво, смртноста расте, бидејќи премалку луѓе заболени од хепатитис се дијагностицираат и лекуваат – рекол тој.
На Африка отпаѓаат 63 отсто од новите инфекции со хепатитис Б, а покрај тоа, таму се вакцинираат помалку од 20 отсто од новородените бебиња, се наведува во извештајот.
СЗО истакнува и дека погодените земји немаат доволен пристап до генеричките лекови за лекување и често плаќаат за нив повеќе отколку што треба.
Според извештајот, две третини од сите случаи на хепатитис се регистрирани во Бангладеш, Кина, Етиопија, Индија, Индонезија, Нигерија, Пакистан, Филипини, Русија и Виетнам.
– Универзалниот пристап кон превенција, дијагноза и лекување во тие 10 земји до 2025 година е клучно за да се врати глобалниот одговор на хепатитисот на вистинскиот пат, со зголемени напори во африканскиот регион – се наведува во соопштението на СЗО.
Вирусниот хепатитис е втор најголем убиец меѓу заразните болести, веднаш по туберкулозата.


