СЗО свика итен состанок по најновиот сој на коронаворусот откриен во Јужна Африка

Јужна Африка ковид-19 коронавирус
Улична уметност инспирирана од пандемијата со коронавирусот во Јоханесбург, Јужна Африка / Фото: EPA-EFE/KIM LUDBROOK

СЗО денеска одржува итен состанок за новиот сој на коронавирусот откриен во Африка, што може да има зголемен број мутации, јави британски „Фајненшл тајмс“.

Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка, на претставниците на СЗО им ја пренесе својата загриженост во врска со новиот сој на коронавирус Б.1.1.529, за кој се стравува дека е досега најлошата идентификувана варијанта на вирусот.

– СЗО потоа одлучи да одржи вонредна седница, изјави Де Оливеира за „Фајненшл Тајмс”.

Експертите на СЗО, наводно, ќе разговараат дали новиот вид треба да се дефинира како нешто што предизвикува „загрижување” или како варијанта „од интерес”.

За време на вчерашната прес-конференција, Тулио де Оливеира изјави дека новиот сој има многу голем број мутации, што носи ризик од брзо ширење на болеста. Според последните податоци, оваа нова варијанта на коронавирусот во Јужноафриканската Република е дијагностицирана кај вкупно 77 лица.

Исто така, новиот сој бил дијагностициран кај четири лица во Боцвана и едно во Хонг Конг (лице кое дошло од Јужна Африка).

Некои светски лидери веднаш реагираа на веста за појавата на новиот сој, најавувајќи нови мерки на претпазливост и ограничувања за патување, додека берзите ширум светот забележаа пад предизвикан од неизвесноста.

Д-р Марија Ван Керкове, техничкиот лидер на СЗО за ковид-19, на вчерашната прес-конференција кажа дека сè уште не се знае многу за оваа варијанта.

– Тоа што го знаеме е дека оваа варијанта има голем број мутации. А загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, тоа може да влијае на тоа како се однесува вирусот, рече Ван Керков.

Таа додаде дека истражувачите ќе се состанат за да „сфатат каде се наоѓаат овие мутации и што тие потенцијално би можеле да значат“ во однос на тоа дали се попреносливи или дали имаат потенцијал да го избегнат имунитетот.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот