Светското кошаркарско првенство е доказ дека АБА лигата е спас за регионот

АБА Суперкупот во главниот град на Црна Гора собра осум екипи од регионот кои ќе се обидат да стигнат до трофејот, но и да влезат во најдобра можна форма пред почетокот на АБА лигата, Еврокупот, Евролигата..
Натпреварувањето со кое практично се отвора кошаркарската сезона беше повод во Подгорица да пристигнат голем број гости, а меѓу многуте познати имиња се најде и Александар Петровиќ. Легендарниот кошаркар, подоцна тренер е воодушевен од организацијата на Суперкупот.
– Будуќност вложи големи напори и навистина успеа во својата цел, па сега може да се пофали со врвна организација на натпреварувањето. Пристигнав доцна, го следев само последниот натпревар од првиот ден, но сигурен сум дека љубителите на кошарката до крај ќе уживаат во одличните натпревари – изјави Петровиќ.
Воедно искусниот стратег вели дека и во иднина треба да постои АБА лигата.
– Мислам дека неодамна завршеното Светско првенство покажа колку добра кошарка се игра во регионот. Треба да се споменат тие одлични резултати. Србија го освои сребрениот медал, Словенија е седма, додека Црна Гора е 11-та во светот. Ова се навистина фантастични резултати. Ако се знае колку играчи директно и индиректно играле во АБА лигата во последните години, тогаш доаѓаме до јасен заклучок дека тоа им помогна на сите репрезентации да постигнат толку добри резултати.
Поранешниот селектор на Хрватска, Босна и Херцеговина и Бразил нема дилема – АБА лигата е спас за регионот.
– Факт е дека АБА лигата им е потребна на сите земји во регионот, не само за да се собереме, туку едноставно ако сите се затвориме во нашите мали национални првенства, големото прашање е што ќе добиеме од тоа. За сите најдобри клубови во регионот, ова е најдобриот проект што можат да го добијат во моментов – се зборовите на Петровиќ.