Светскиот ден на радиото ќе биде одбележан со музички настан во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“
Во рамки на програмата „Денови на литературата“ во „Литература.мк“ на 13 февруари, од 21 часот, во „Дајмонд мол“ ќе се одржи музички настан со кој ќе биде одбележан Светскиот ден на радиото. На настанот концерт ќе одржи групата „Мојра“, а диџеј-поддршка ќе има од Кунгфулиш.
Препорачано
Мојра е обликоменлива грива од преливачки набојни нишки и древни нервни завршетоци. Настапите се опишувани како хипнотизирачки, магични, етерични и вонземски. Нивните архаични зборовни преплети, глатко наместени во вешто извиткани мелодиски линии се пробивна стрела која посочува кон една плодоносна иднина на македонската музика.
– Низ ова треперливо творештво, нашиот јазик достигнува исклучителен поетски сензибилитет, поткрепен од пријатна и поводлива тензија на загатлива меланхолија – истакнуваат од групата.
Проектот „Мојра“ е обликоменливо струење од хипнотизирачки сонични нишки оптегнати од древното преку земното до волшебното. Еклектичниот полнеж содржи елементи од разнолики стилски сокаци, обвиткани во филмска, мистична и езотерична атмосфера. Изведбите пробиваат невидливи портали и дестилираат (о)појни меѓусостојби на: привлечното чудно, сонливото будно и спонтаното судно.
Музичкиот настан ќе се реализира во соработка со скопското Џез ФМ радио.


