Светската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во продукција на МКЦ ќе се одржи во Копенхаген

Фото: Архива/ Слободен печат

Младинскиот културен центар соопшти дека светската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ, „Rosforth“ и „Rumraket“, ќе се одржи на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX“ на 23 март 2024 година во Копенхаген, Данска.

Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023 година, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Премиерата на филмот, која е закажана за 23 март 2024 во рамките на „CPH:DOX“, ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот, ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот „Ефтеркланг“, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.

Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот супер состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Режисер на филмот е Андреас Јонсен, наградуван дански документаристички режисер, чиј филм „Ai Weiwei: The Fake case“ го отворил изданието на „CPH:DOX“ во 2013 година.

Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

– Неверојатно сме возбудени за приликата да се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на „Ефтеркланг“ на музичкиот фестивал „Здраво Млади“. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот „Македониум“, кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз, беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе се случи на „CPH:DOX“ беше огромно изненадување – изјави Владица Младеновски од МКЦ.

Светската премиера заедно со концертниот настап ќе се случи во познатата сала „DR Koncerthuset“, која за време на изградбата во 2007 година важела за најскапата музичка сала некогаш изградена. Архитектот Жан Нувел, за дизајнот на „DR Koncerthuset“ се здобива и со Прицкерова награда за архитектура.

Реализацијата на филмот е поддржана од Министерството за култура, без чија поддршка изведбата ќе беше невозможна, соопштија од МКЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот