Светска премиера на „Рекет“

Фото: Слободен печат

По снимањето на последната сцена режисерот извикува „кат“, камерите се гасат, сценографите ја растураат сцената, а монтажерите го добиваат последниот видео материјал кој ќе треба да го вклопат во целината.

Така некако изгледа крајот од снимањето на серијата, која наскоро во продукција на Нетфликс, ХБО или некоја друга ТВ куќа ќе ѝ биде презентирана на светската јавност. Дознаваме дека режисерот е во континуирана кавга околу името на серијата.

Тој го предлага името „Бокито“, а би се сложил и со „Кичево“, но тоа продуцентите, едни строги Американци, инсистираат да се вика „Октопод“. Но, веројатно ќе се оди со соломонско решение – “Рекет“ или „Рекет: Потполно разоткривање“. Така некако.

Главните актери забрзано тргнуваат кон своите комфорни приколки, кога наеднаш им се соопштува дека имаат обврска да дадат кратки интервјуа, а кога негодуваат против тоа, во разговорот се вклучуваат асистентите на продуцентите, кои ги опоменуваат дека според договорот имаат обврска да се сретнат со новинарите.

Во прес-салата прв влегува Бред Пит. Тој ја игра главната улога, па пред новинарите се појавува мошне елегантно, облечен во ганц нови женски чевли од брендот „Лобутин“, со црни пантолани, бела кошула со „руска крагна“, елегантно сиво сако и помалку заоблени очила за сонце.

– Излгедате прилично елегантно – се поднасмевнува еден новинар од вториот ред.

– Денеска ја снимивме последната сцена, се грижиме за автентичноста – одговара спремно Пит.

– Како успеавте да се подготвите за оваа улога. Изгледате мошне необично, како Либерачи на 21. век – запраша една од новинарките, која Бред ја памети по лошо уште од времето кога се разведуваше од Џенифер Анистон. Но, решава да одигра мирно и професионално.

– Па, не беше лесно. Мојот лик, односно Бо Џован 13-ти е навистина комплесна личност. Но, тоа не е Либерачи. Тој не е уметник. Прво се добива впечаток дека е хуманитарец, потоа мислите дека е мафијаш, но на крајот сфаќате дека е никој и ништо. Не сум сигурен, но некој ми кажа дека таков лик навистина постоел, во Мауританија или Макао?

– А како ќе заврши неговата приказна – потпрашува еден новинар од азиско потекло, кого Бред го памети од времето кога се разведуваше со Анџелина Џоли. Не го памети по добро, но решава да продолжи во манир на сталожен професионалец.

– Не смеам да откривам детали од сценариото, но бидејќи на некој си таму италијански портал веќе е објавен трејлерот за серијата, можам да кажам дека мојот ликот на крајот нема да биде среќен – одговарајќи на третото прашање тој забрзано излегува од салата за конференции, а на излегување погледот му се сретна со една расна бринета, која интересно ја памети по добро од времето кога Џоли го исфрли од семејната куќа.

По кратко пред новинарите се појави Квин Латифа, познатата актерка, раперка, композиторка, дизајнерка и активитска за човекови права на Инстаграм.

– Дали сметате дека е навреда за припадниците на белата раса, тоа што вие ја толкувате улогата на Кејти Џен, за која во „Нашнл Енкваерер“ беше откриено дека е бела – напрасно и без вовед еден опскурен лик со некаква лудо зачешлана портокалова коса на главата, го постави ова во најмала рака невкусно прашање.

– Немам коментар – луто одговара искусната кралица на семејните комедии.

– А дали ви беше незгодно да ја снимите љубовната сцена?

Квин Латифа со остар поглед ја прострелува претставничката на „Фешн ТВ“, на која не би ѝ дала повеќе од 20 години и 40 килограми.

– А зошто би ми било незгодно?

– Па знаете – со доза на извинување продолжува новинарката – не вие, но таа Кејти е робусна жена со тешка коска, па си реков, нели, всушност не знам како некој со такво тело може да има секс воопшто. Веројатно постои некаков лек или справа, но не знам…

– Наредното прашање ве молам – отсечно ја прекинува Латифа згодната новинарка.

– Мислам дека е нереална серијата – се вклучува во дебатата Кристина Аманпур од ЦНН – мислам како може да пронајдете толку згодна и сексипилна обвинителка?

– Милите на мене – со блажена насмевка потпрашува Латифа.

– Не – вели  Аманпур – мислам на таа помошничката на Кејт, извесна Кечми, која ја игра Џесика Алба. Јас која ги имам прошетано сите војни во светот, ви тврдам дека не е можно толку убава жена да работи.

– Немам коментар – одговарајќи на последното прашање, Квин Латифа излегува од салата, а на нејзино место седнува Стив Бушеми, кој весело ги отпоздравува припадниците на „седмата сила“.

– Стив, ти го играш ликот на Џордан Стоун, кој е тој, што прави – продолжува Аманпур, одлучно борејќи се за микрофонот со претставникот на магазинот „Коњи и кучиња“, кој своевремено се прослави со сензационалното интервју со Џулија Робертс.

– Ха – весело се насмеввна Стив, но веднаш се подзамисли и почна да се чешка по главата – па не знам. Ако ви откријам дали тој е жртва и злосторник е како да ви го раскажам крајот. Ќе речам дека ова беше мошне тешка улога. Со часови го вежбав она понизно одење, од сцената што ја видовте во трејлерот, кога Џордан ги испраќа рекетарите.

– Дали се надевате на Оскар?

– Па, да. Мислам дека оваа улога ќе ја дефинира мојата кариера и конечно ќе можам да си ги поправам забите – со широка насмевка се шегува никогаш кроткиот Бушеми.

Вниманието на новинарите веднаш се врти кон портпаролката, која влета во салата. Таа им ја соопшти непријатната вест дека режисерот Довн(Dawn) Рабит нема да оговара на нивните прашања. Морал да отпатува дома, некакви семејни проблеми, веројатно со брат му или некој братучед.

Налутени и револтирани новинарите ја напуштаат салата, воопшто не претпоставувајќи дека кутриот Стив беше подготвен да им каже една голема екслузива за серијата.

Сè уште не е објавен датумот на премиерата на новата ТВ серија, за која се вели дека ќе ја одбележи генерацијата. Режисерот е молчалив, но продуцентите ветуваат спектакуларна завршница, со неверојатен пресврт.

Ќе завршиме со зборовите на нараторот, кој ја најавува серијата во промотивното видео:

„Луѓе заколнати да го бранат законот против луѓе кои се заколнати борци против законот. Еден обвинител, еден криминалец и еден шарлатан. Но, кој е виновникот? Одговорот можеби ќе ве изненади“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот