Светилникот на Кирил и Методиј треба да ги осветлува сите ходници на нашиот живот, посочи митрополитот Тимотеј во Рим

Фото. МИА

Денеска ги слушнавме зборовите на Исуса дека не се пали светило за да се стави под поклоп туку се става на светилник за да им свети на сите в куќи. И Бог не го запалил светилникот што ни го врачил преку светите браќа Кирил и Методиј за да го покриеме туку за да го осветлува нашиот живот и да ни биде светлина за спасение. Ќе го ставиме ли ние тој светилник под поклопец? Ќе го направиме ли ние неполезен за нас? Нема ли да го земеме светилникот што светата Црква на секој еден ни го дава како Божјо благословение, за да го поставиме на лично и високо место во нашиот живот, порача денеска митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј, на молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим.

Како што рече Тимотеј, таква нова ѕвезда и таков нов светилник за сите словенски народи се браќата св. Кирил и Методиј.

Овие светилници, продолжи Тимотеј, биле благослов за нашиот народ уште пред многу векови. Светлината на светикирило-методиевото дело никогаш не згаснувало во животот на македонскиот народ, во животот на нашите свети манастири и во нашите скромни храмови. Ова дело продолжувало да свети за да биде надеж и верба за подобри времиња и црковно-национална слобода за време на долгите страдања и ропскиот период.

Ние го почитуваме делото на светите браќа Кирил и Методиј и им го признаваме извонредното значење за ширењето на христијанската култура и за просветната христијанизација. Нивното дело е почитувано со благодарност преку изобразувањето на нивните свети ликови по нашите цркви и манастири, а на денот на нивниот спомен, но и секојдневно, ние им се обраќаме со љубов и почит, истакна Тимотеј.

Светилникот на св. Кирил и Методиј, односно служењето, посочи тој, треба да ги осветлува и сите ходници на нашиот живот по кои влегуваме и излегуваме.

Светите браќа Кирил и Методиј да бидат покровители за напредокот на нашиот народ, на нашата словенска просвета и култура, за нашата православна Црква и за нашата држава. Тие да бидат застапници пред Бога за едномислие меѓу словените и за мир во целиот свет, онака како и што ги молиме во нивниот тропар. Амин, рече Тимотеј.

Како што јави известувачот на МИА на молебенот, кој го предводеа митрополитот Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова која ја предводи државно-црковната делегација во Рим во рамки на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј. Претседателката и делегацијата, како и присутните се поклонија пред гробот на Свети Кирил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот