Сумирање на едно минато и созревање во сегашноста носи изложбата „Време и простор 2001-2023“ на Тања Таневска

Дело од изложбата „Време и простор 2001-2023“

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на 2 октомври, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Време и простор 2001-2023“ на сликарката Тања Таневска.

– Веќе со насловот на проектот, Тања Таневска, ни посочува еден подолг период (2001-2023) од нејзиното (семејното) домување, живот, радости и тага, во кои авторката ги создавала и чувала визуелните записи, за потоа да ги интерпретира и синтетизира во една целина што ја обопштува идејата за дом и за припадност. Опфатениот период не е ретроспекција на нејзиното досегашно творештво, туку ја покажува смелоста во сумирање на едно минато и созревање во сегашноста на нејзината најинтимна историја.

Низ имагинативните прикази на уметницата се артикулираат и се замислуваат неброено многу нешта. И не само низ нив, туку и преку нејзиното педантно селектирање, чување и поставување на ready-made објекти, уметницата буквално нѐ води во тридимензионален просторен триптих од приказната што ја следиме како гледачи, во три посебни простори. Секој за себе е една целина, но поврзаноста ја чувствувате и ја доживувате.

Ако ги анализираме просторите еден по еден, ќе забележиме емотивен и наративен пристап во сите три целини. Авторката почнува од убавото, ја асоцира локацијата и ве вовлекува кон целата алузија на темата. Поставени се објекти и инсталации од колажирани фотографии, нетипичен „хербариум“ од убавите цветови и растенија што ги негувала, а веќе ги нема, и визури од домот што веќе не постојат.

Поставени се и објекти создадени од записи и готови предмети, на пример, клуч што веќе ја нема својата функција, асамблажи со предмети кои ја носат симболиката на постоењето и исчезнувањето. Поставени се замаглени визури на автопортрет изложен на ранливост, и сето тоа скриено, а сепак отворено, искрено ни го предава метежот во душата на уметницата – истакнува ликовната уметница и рецензентка Дијана Томиќ Радевска.

Дело од изложбата „Време и простор 2001-2023“

Тања Таневска е родена во 1971 година во Скопје. Во 1996 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин, отсек Педагошки – сликарство; во 2006 ја посетува графичката работилница кај проф. Трајче Блажевски на ФЛУ (Факултет за ликовна уметност) за усовршување на графички техники; во 2010 година на Факултетот за ликовна уметност во Приштина завршува постдипломски студии и се здобива со титулата мастер по сликарство, во класата на проф. Заке Превукај.

Во 2006 година оди на едномесечен студиски престој во Дрезден, Германија (Grafikwerkstatt Dresden in den Technischen Sammlungen der Stadt Dresden). Во 2000, 2001 и 2004 престојува и го користи ателјето во „Cité internationale des arts“ во Париз, Франција. Од 1997 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Живее и работи во Скопје.

Реализирала повеќе самостојни изложби во Македонија, во Скопје, Прилеп, Охрид, Неготино, Кавадарци и во странство: Истанбул, Њујорк, Дрезден, Берлин, Софија, Марибор, Загреб, Белград, Париз.

Учествувала на повеќе од 300 групни изложби во Македонија и во странство. Меѓународни изложби имала во Полска, Србија, Јапонија, САД, Грција, Босна и Херцеговина, Португалија, Словенија, Франција, Бугарија, Чешка Република, Шведска, Канада, Романија, Кореа, Италија, Холандија и Република Хрватска. Учествувала на повеќе од 37 колонии во земјата и во странство.

Наградувана е на повеќе групни изложби: 2023, Скопје, Македонија, минијатура – ДЛУМ; 2012, Скопје, Македонија, минијатура „Златна четка“ – ДЛУМ; 2009, Скопје, Македонија, Цртеж – ДЛУМ; 2003, Скопје, Македонија,Цртеж – ДЛУМ; 2000, Скопје, Македонија, 17. Сликарство мал формат – КИЦ; 1998, Скопје, Македонија, Цртеж – ДЛУМ; 1998, Рацибор, Полска, II интернационално биенале на мал формат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот