Огромна дупка кај зградата на ФОН / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Судски спор ја остави дупката кај ФОН со години отворена

Пешачката патека завршува на неколку метри пред дупката, каде што има поставено ограда и знаци за предупредување за возачите. Сепак, пешаците немаат од каде да преминат преку улицата „Индустриска“, па мораат да кружат околу дупката, а притоа тие излегуваат директно на булеварот „Киро Глигоров“.ија“

Во изминативе неколку години жителите на Гази Баба се соочуваат со сериозен проблем кај зградата на Универзитетот ФОН, поточно на крстосницата на булеварот „Киро Глигоров“ и улицата „Индустриска“, каде што со години зјае еден огромен „кратер“ што сериозно ја загрозува безбедноста на илјадниците возачи што секојдневно минуваат кај оваа локација.

„Кратерот“ зјае, жителите бараат итна реакција

Дупката е огромна, а во неа низ годините можеа да се забележат израснати дрвја и растенија, а до пред неколку недели, местото не беше ниту соодветно заградено, само со заштитни мрежи и по некоја лента, но од реакцијата на дел од жителите на општината што побараа итно решавање на проблемот, денес можеме да забележиме дека местото е соодветно заградено.

Огромна дупка кај зградата на ФОН / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Овој „кратер“ постои со години и остана недопрен дури и кога во Гази Баба се реновираше и отвораше новата улица кон комплексот згради што се изградија во населбата Керамидница.

Граѓаните на социјалните мрежи постојано се жалат за оваа длабока дупка, а последно еден од жителите посочи дека, како што вели, редно време е да се исполни дупката бидејќи не треба да се чека да се случи некој трагичен настан за да реагираат институциите.

– Да не знае некој случајно кога била бомбардирана општина Гази Баба? Овој кратер е цела деценија вака како што гледате. Местото е на раскрсницата кај ФОН и „Мерцедес“, најнебезбедната раскрсница во цела Македонија! Дали институциите во Македонија чекаат некое дете да загине во оваа дупка или некое дете да загине на оваа раскрсница, за потоа сите да се наредат со солзи во очите и да си направат некое колективно жалење? – вели жителот.

Тој додаде дека дупката е само дополнителен ризик за пешаците и за возачите на крстосницата кај ФОН, која, според него, сама по себе претставува опасност за пешаците земајќи предвид дека нема семафор, ниту сообраќајни знаци, ниту видливи пешачки премини, и затоа побара Градот и Општината во најкус рок треба да најдат решение за неа, а воедно во тоа решение да влезе и затрупувањето на големата дупка.

Огромна дупка кај зградата на ФОН / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Жителите реагираат дека веќе им е преку глава од неажурноста на надлежните и изјавија дека само прашање на време е кога граѓаните ќе почнат со блокирање на крстосницата како единствен преостанат начин да ги „мотивираат“ Општината и Градот после една деценија да го решат овој сериозен проблем и да ја зголемат безбедноста на илјадниците граѓани што секојдневно минуваат покрај овој огромен „кратер“.

Дупката ќе се затвори по изградба на колекторите

„Слободен печат“ беше на терен и увиде дека ситуацијата е навистина ужасна. Пешачката патека завршува на неколку метри пред дупката, каде што има поставено ограда и знаци за предупредување за возачите.

Сепак, пешаците немаат од каде да преминат преку улицата „Индустриска“ па мораат да кружат околу дупката, а притоа тие излегуваат директно на булеварот „Србија“ и чекорејќи по десната сообраќајна лента, тие преминуваат и повторно се качуваат на тротоарот што води кон мостот за премин во општина Аеродром, како и кон кејот на Вардар.

Огромна дупка кај зградата на ФОН / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Поради ова, освен што е грдо за око, местото е навистина небезбедно за пешаците и велосипедистите, па затоа испративме прашања до Градот и до Општина Гази Баба зошто дупката со години не се затрупува.

Од Општината, како секогаш, не добивме одговор, додека, пак, од Градот ни одговорија дека оваа дупка сѐ уште не е затрупана бидејќи под неа се наоѓа дел од колекторскиот систем за пречистителната станица во Трубарево, проект кој „Слободен печат“ пред неколку денови темелно го анализираше, земајќи предвид дека е навистина таинствен и за него надлежните не одговараат до каде е изградбата.

– Дупката што подолг период е оставена отворена, поврзана е со проектот за изградба на колекторите по левиот и десниот брег на реката Вардар – соопштија од Град Скопје. Под дупката се наоѓа дел од колекторскиот систем, кој е предвиден како инфраструктура поврзана со идната пречистителна станица за отпадни води во Трубарево.

„Заглавената“ пречистителна станица е откочена

Проектот за изградба на пречистителната станица започна во декември 2019, во време на мандатот на градоначалникот беше Петре Шилегов, а тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше најавено дека во 2025 година главниот град ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои се загадува Вардар.

Напредува изградбата на пречистителната станица во Скопје

Сепак, проектот „заглави“ во времето на Данела Арсовска, која го разреши тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и го обвини за „брцнување рачиња во медот“, или како што официјално соопштија од Градот, обиди за влијание и несоодветно постапување при избирање на изведувач за тендерот за изградба на пречистителната станица, проект вреден 136 милиони денари.

Пречистителна станица за Скопје во изградба / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Оттогаш, работата целосно запре и дефинитивно беше пробиен прводадениот рок и долго време не се говореше за проектот се до доаѓањето на Орце Ѓорѓиевски на функцијата градоначалник на Скопје, кој и во кампањата, но и последно во неговиот отчет за 100-те дена работа сосема накусо го спомна овој проект и соопшти дека е „откочен“.

– Го откочивме најголемиот еколошки проект во историјата на Скопје, пречистителната станица за отпадни води вредна околу 185 милиони евра – рече градоначалникот без да прецизира до која фаза е стигната реализацијата.

Проектот за изградба на колектори е на суд

Од Градот додадоа дека местото кај ФОН со години е раскопано и нема реакција од надлежните поради судски спор што се води во странство.

– Во моментов за овој проект се води судски спор надвор од државата, поради што градежните активности се запрени – велат од Град Скопје.

Огромна дупка кај зградата на ФОН / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Сепак, прашани за подетални информации околу проектот и судскиот спор, од Градот само накусо одговорија дека инвеститор на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, додека, пак, изведувачот за пречистителната станица е италијанска компанија.

-Инвеститор на проектот е МЖСПП, додека изведувач е италијанска фирма. За подетални информации во врска со проектот, роковите и понатамошните активности, граѓаните може да се обратат до Министерството за животна средина и просторно планирање – брифираат од Град Скопје.

Дупката уште долго ќе си „мирува“

„Слободен печат“ потоа на оваа тема го контактираше Министерството за животна средина, од каде што добивме одговор дека дупката ќе се пополни по завршувањето на проектот за колекторски систем во Скопје, за кој, како што велат, се бара најефикасно и најбрзо решение за негово целосно завршување.

– Пополнувањето на дупката е во рамките на завршување на проектот за колекторскиот систем на Град Скопје. Во моментов Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ работи на изнаоѓање најбрзо и најефикасно решение за целосно завршување на проектот за колекторски систем за Скопје во чии рамки е и отворениот ископ во близина на објектот на „Мерцедес“ – одговорија од МЖСПП за „Слободен печат.

Со оглед на тоа што просторот под огромната дупка е директно поврзан со колекторите на бреговите од Вардар, граѓаните и жителите на оваа општина можат да очекуваат дека дупката ќе биде закрпена само по завршување на судскиот спор и успешно поставување на колекторите, процес што може да трае со години, со што воедно и оваа дупка ќе продолжи да зјае и да биде опасност за граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот