Судот во Стразбур пресуди во корист на колумнистот Гелевски

Европскиот суд за човекови права, во септември 2020 донесе пресуда со која ѝ се наложува на
Република Северна Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3000 евра на
Никола Гелевски, поради повредено право на слобода на изразување.

Оваа пресуда е поврзана и се однесува на случајот во кој тогашниот главен уредник на
Телевизија „Сител“ и главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ – Драган Павловиќ
Латас, покрена судски процес против Никола Гелевски поради неговиот текст, „Мегафоните од
фиреровиот сокак“, публикуван на 31 март 2009 година во „Утрински весник“. Павловиќ тогаш
сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства. Судскиот процес траеше околу една
година, а Павловиќ, пред македонските судови, во време на груевизмот, ја доби приватната
тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнист на „Утрински весник“, Никола
Гелевски.

Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелациониот и Уставниот суд, Гелевски
поднесе тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист. Во
образложението на пресудата се наведува дека „Владата признала дека имало мешање во
слободата на изразување на жалителот“.

Во овој процес пред ЕСЧП, аргументите на застапниците на државата биле дека мешањето
било законско и служело на легитимна цел, односно заштита на угледот на другите, и барале
Судот да не ги прифати како доказ колумните на Гелевски. Но сепак, во образложението на
пресудата на Судот за човекови права, меѓу другото, се вели „Судот забележува дека
жалителот (Никола Гелевски) бил редовен колумнист во дневен весник. Затоа мешањето
мора да се испита во контекст на суштинската улога на слободата на медиумите во
обезбедувањето на правилно функционирање на демократското општество“.

Исто така, во врска со јазикот што го користел Гелевски, Судот повторува дека „на поединци, а
особено на новинари, кои учествуваат во јавна дебата за прашање од општ интерес, им е
дозволено да применат одреден степен на претерување или провокација“. На крај, Судот
смета дека „кривичната пресуда изречена на Гелевски несомнено може да има
застрашувачки ефект врз медиумите во политичката дебата за прашања од важност“.

Контекстот на спорот и конкретниот „инкриминиран“ текст на Гелевски, напишан како
реакција на тепањето на студентите кои протестираа против изградба на црква на скопскиот
плоштад на 28 март 2009 година можете да го прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот