Судот во Кочани нема доволно судии да постапуваат по трагедијата – делегирана една судијка од Велес
Судот во Кочани се соочува со недостиг на судии кривичари кои треба да постапуваат во предметите, па затоа Судскиот совет ја делегираше судијката Емине Калач од велешкиот суд во Основен суд Кочани каде има зголемен обем на работа по трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Препорачано
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски вели дека со оваа одлука недостигот на судии во Кочани нема да се реши, а со одлуката за делегирање на еден судија само ќе се ублажи.
– Сметаме дека со овој еден судија барем во овој период додека ние направиме целосна анализа за сите судии во државава, донекаде ќе успее да помогне на колегите коишто работат таму. Сакам да искажам пофални зборови не само за судиите, туку на сите служби и стручни соработници, советници кои што работеа во тој суд, записничари, стварно покажаа едно високо ниво на свесност за ситуацијата во Кочани – рече Камбовски.
Судијката Калач во наредните два месеци треба да ја подобри работата на судот во постапување кривичниот оддел на судот.
Во образложението на судијата известител Исамедин Лимани и координатор на кочанскиот суд на денешната седница на Советот беше споменато дека во кочанскиот суд има недостиг од судии кривичари, а во моментов заради случајот со трагичниот настан има потреба од зајакнување на капацитетите за работата.
– Во барањето се наведува дека судот се соочува со проблеми при составување на кривични совети за постапување во предмети во кривична постапка. По случајот со пожарот, отежнато е постапувањето по редовните предмети и се јавува застој во работењето. Ги зедов предвид податоците од судовите во Велес, Штип и Струмица и со оглед дека треба интервентно да се делува, предлагам да биде судија од Велес сè до одлука на комисијата – рече Лимани.
Членот на судскиот совет Весна Дамева и координатор на судот во Велес ја појасни состојбата во Основен суд Велес од каде би требало да се делегира судија и дека има недостиг на судии. Таа напомена дека дел од судиите од Велес имаат законски пречки да бидат делегирани и предложи советот да предложи судија.
– Неспорно е дека Основен суд Велес има седум судии, но треба да одлучиме без да направиме штета на другите судови. На вонредна седница на советот во Велес немало согласност да бидат делегирани, но се надевам дека делегираниот колега ќе да даде придонес во постапувањето во кочанскиот суд – рече Дамева.
Надлежна комисија во Судскиот совет ќе постапува во насока на решавање на недостигот од судии и поефикасно работење.
– Таа комисија треба да направи проценка каде имаме доволно судии. Од кои области и со какво искуство ни требаат судии. Очекувам за многу краток дека ќе биде завршена. Верувам дека ќе направиме некои поместувања во судовите, во однос на коригирање на судии. Секаде има потреба меѓутоа каде што е, ајде на речеме ургентно, туку приоритетно – рече Камбовски.


