Судењето на Тачи, Красниќи, Селими и Весели ќе трае најмалку пет години
Судењето во Хаг на лидерите на поранешната ОВК Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, според експертите ќе трае најмалку пет години, пренесува Економија онлајн.
Амер Алија од Фондот за хуманитарно право објаснува дека судењата за воени злосторства обично траат долго, особено во меѓународните трибунали, што е практика што според него сега ја следи и Специјалниот суд.
Препорачано
„За период од три до четири месеци беа сослушани само 15 сведоци предложени од Специјализираното обвинителство, така што просечно на еден сведок му требаат два до пет дена, во зависност од околностите и дадениот исказ. Од друга страна, бројот на сведоци е 350, така што ова судење сигурно ќе трае до пет години“, рече Алија.
Фехмије Гаши Битиќи, адвокат акредитиран од Специјалниот суд, забележува дека процесот ќе биде долг, но не поради одолговлекување, бидејќи според неа, Судот не ја игнорира постапката.
„Се чини дека полека оди, се разбира и за нас бидејќи луѓето се во притвор. Судот ја почитува постапката, но има многу сведоци“, рече Битиќи.
Судењето за воени злосторства на четворица поранешни команданти на ОВК започна на 3 април годинава. Тие се во притвор во Хаг од ноември 2020 година.


