Судењето меѓу Маск и „ОпенАИ“ откри: богатството на Сем Алтман надминало четири милијарди долари
Судењето меѓу Илон Маск и компанијата „ОпенАИ“ откри нови детали за богатството, приватните инвестиции и внатрешните судири околу една од највлијателните компании во светот на вештачката интелигенција, пишува „Форбс“.
Препорачано
Во фокусот на процесот беше извршниот директор Сем Алтман, чие нето богатство според новите информации сега се проценува на повеќе од четири милијарди долари.
За време на сведочењето, Алтман открил дека поседува удели вредни повеќе од две милијарди долари во компании што истовремено соработуваат со „ОпенАИ“, меѓу кои производителот на чипови „Церебрас Системс“, енергетската компанија „Хелион Енерџи“, како и „Редит“ и „Страјп“.
Најголем дел од неговото богатство доаѓа од „Хелион Енерџи“, каде неговиот удел се проценува на околу 1,65 милијарди долари. Алтман сведочел дека инвестирал во компанијата уште околу 2015 година, а подоцна побарал „ОпенАИ“ да разгледа можна соработка со неа.
Во судницата било откриено и дека „ОпенАИ“ планира да потроши околу 20 милијарди долари на чипови од „Церебрас Системс“.
Процесот се следи со големо внимание во технолошката индустрија бидејќи може директно да влијае врз иднината на „ОпенАИ“, компанијата што стои зад „Чет-Џи-Пи-Ти“, додека компанијата се подготвува за можен излез на берза подоцна годинава.
Маск бара промени во управувањето со „ОпенАИ“
Алтман сведочел дека Илон Маск сакал „целосна контрола“ над профитниот дел на „ОпенАИ“ и во еден момент предлагал компанијата да се спои со „Тесла“. Според Алтман, Маск ветувал дека подоцна ќе се повлече од контролата врз компанијата, но тој не верувал во тоа.
Маск преку тужбата се обидува да го врати „ОпенАИ“ под целосен непрофитен модел, да ги отстрани Алтман и претседателот Грег Брокман од управувањето и да врати повеќе од 130 милијарди долари во непрофитниот дел на организацијата.
Политички амбиции и внатрешни сомнежи
За време на испрашувањето било споменато и старо писмо од коосновачот Илија Сацкевер, кој уште во 2017 година го прашувал Алтман дали развојот на вештачка интелигенција на човечко ниво навистина му е главната мотивација или има и политички амбиции. Алтман признал дека во минатото размислувал за кандидатура за гувернер на Калифорнија.
Во текот на процесот, адвокатите на Маск се обиделе да го прикажат Алтман како човек мотивиран не само од развојот на вештачката интелигенција, туку и од пари, влијание и политичка моќ.
Го прашал Четџипити како да се збогати, па се запрепастил од одговорот


