Суд во Сеул го осуди „дигиталниот предатор“ на доживотен затвор поради сајбер-сексуална изнуда
Суд во Сеул вчера изрече доживотна казна затвор за 33-годишниот Ким Нок-ван, осомничен за водење огромна онлајн мрежа за изнуда која во период од четири години сексуално експлоатирала или злоупотребила најмалку 261 жртви, меѓу кои и голем број малолетници, пренесе Си-ен-ен. Окружниот суд ја образложи пресудата со оценка дека сериозноста и суровоста на злосторствата бараат негова „трајна изолација од општеството“.
Препорачано
Покрај Ким, осудени се и 10 негови соучесници кои добиле затворски казни од две до четири години. Властите го сметаат овој случај за најголемиот сајбер-сексуален криминал во историјата на Јужна Кореја.
Како функционирала мрежата: уцена, манипулација и насилство
Од август 2020 година, Ким ги таргетирал жртвите преку социјалните мрежи. Жените кои објавувале сексуално сугестивна содржина и мажите што се обидувале да се приклучат во тајни групи на Телеграм станувале потенцијални цели. Тој им се заканувал дека ќе ги разоткрие, присилувајќи ги да му донесат нови жртви, создавајќи пирамидална мрежа на уцена.
Судот утврди дека Ким силувал или физички нападнал 16 жртви, меѓу кои и 14 малолетници, а 13 од злосторствата ги снимал. Тој произвел околу 1.700 манипулирани сексуални снимки и фотографии и објавил околу 260 од нив за да изврши дополнителен притисок врз жртвите. Во неколку случаи се обидел да ги уценува преку нивните семејства и колеги.
Малолетници меѓу соучесниците
Меѓу обвинетите се и пет малолетници. Судот утврди дека сите знаеле дека жртвите што ги регрутираат ќе бидат подложени на жестока злоупотреба, но сепак учествувале во синџирот на уцена за да го спречат ширењето на сопствените компромитирачки материјали.
„Повеќето од жртвите биле деца или адолесценти и сосема е јасно дека претрпеле екстремна физичка и психолошка болка“, наведе судот. Истовремено предупреди дека дигиталните сексуални злосторства создаваат непоправлива штета материјалите, еднаш објавени на интернет, речиси невозможно е целосно да се избришат.
Шок во јавноста и споредба со претходни случаи
Апсењето на Ким во јануари предизвика шок низ Јужна Кореја и повторно ја отвори дебатата за растечките ризици од дигитално посредувано сексуално насилство. Пресудата доаѓа пет години по осудата на Чо Џу-бин, лидер на озлогласената група „N-th Room“, кој доби 40 години затвор за уценување и експлоатација на десетици жени и девојчиња.


