Студијата „Културното дејствување на Град Скопје и Општина Центар“ ќе биде презентирана во КСП „Центар-Јадро“

Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ на 3 февруари (петок), со почеток во 10.30 часот, во КСП „Центар-Јадро“ ќе ја промовира публикацијата „Културното дејствување на Град Скопје и Општина Центар“ во авторство на новинарот и уредник Ѕвездан Георгиевски.

Разговорот за културната понуда и можностите за културно дејствување овозможени од страна на Град Скопје и Општина ќе го водат авторот, Ѕвездан Георгиевски, и уредникот на публикацијата, Никола Гелевски.

Публикацијата ги анализира културните политики на Градот Скопје и Општина Центар, земајќи ги како типични примери на двата различни, ама најчесто применувани принципа на финансирањето на вонинституционалната култура од јавни, односно буџетски пари во нашата држава за 2021 и 2022 година.

– Анализата на Георгиевски покажува дека единиците на локалната самоуправа во овој тип централизиран систем на културните политики не се во можност да креираат посериозна културна понуда. Згора на тоа, застарено е и самото нивно разбирање на културата, на која се гледа како „надградба“ или „нужно зло“, како нешто што може да се сервисира само ако останат средства од „поприоритетните“ дејности. Георгиевски заклучува: „Прашањето е системско и мора системски да се решава, првенствено преку фискалната децентрализација на републичкиот буџет за култура, односна на рамноправна прераспределба на средствата за култура по единиците на локалната самоуправа. Вториот услов за подобрување на состојбата е посериозно вклучување на цивилниот сектор во решавањето за културните политики и правење стратегии за културен развој. Натаму, неопходен е континуитет на културните политики, кои кај нас се менуваат во зависност од политичката гарнитура што е на власт“ – истакнува уредникот Никола Гелевски во текст објавен во публикацијата.

Ѕвездан Георгиевиски работел како новинар и уредник во повеќе редакции: „Нова Македонија“, „Пулс“, „Утрински весник“, „Глобус“. Еден е од основачите на „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Основач е на наградата „Роман на годината“, што своевремено ја доделуваше „Утрински весник“, а сега ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Ги објавил книгите: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ (роман, „Темплум“, 2016), „Урбани топоними“ (есеи, „Темплум“, 2018) и „Да не бидам покусо“ (раскази, „Просветно дело“, 2018). Преведува од англиски и од јазиците на некогашните југословенски републики. Досега превел десетина книги. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот