Фото; Н1

Студенти и граѓани се собраа на протест пред српската национална телевизија, заедно скандираат „Пумпај“

Она што почна како мирен студентски собир пред Правниот факултет во Белград, денес се претвори во драматичен ден во главниот град на Србија. Oткако пензионер беше прегазен со возило и притоа натепан млад човек, српските студенти повикаа на протест од 18 часот пред Радиотелевизија Србија (РТС), каде насобраниот народ извикува „Пумпај“, пренесува Н1.

Студентите преку писмо побараа од РТС да ја објави снимката од денешниот напад врз собраните граѓани пред Правниот факултет.

„Возачот М.С. го заби својот автомобил во толпата, излезе од автомобилот и го удри нашиот колега. Студентите го повикаа да ја напушти раскрсницата, ослободувајќи го да оди во правец на Народното собрание, по што тој се врати со полна брзина, удирајќи го деведесетгодишниот пензионер Верољуб Шариќ, еден од нашите најстари другари. Верољуб е со нас на раскрсницата и на протестите секој ден од самиот почеток, и покрај неговата возраст, дожд и снег. Шариќ во таа прилика претрпе сериозни повреди и му беше потребна операција“, пишува во писмото на студентите.

Тие дополнуваат дека „полицијата, по настаните во Нови Сад на 18 април, не ги обезбедува нашите собири и дека инцидентите оттогаш станаа почести“.

„Очекуваме РТС да го исполни барањето што им го упативме“, наведоа студентите.

Српското МВР: Повикуваме на воздржаност од организирање и учество на непријавени јавни собири

Министерството за внатрешни работи на Србија во соопштение ги повика сите граѓани да не го нарушуваат јавниот ред и мир, да не ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, ниту да вршат кривични дела, „бидејќи само со почитување на законите можеме да ја зачуваме стабилноста, безбедноста и достоинството на нашето општество“.

„Повод за денешните инциденти пред Правниот факултет во Белград, за време на непријавен јавен собир, кога возач на автомобил удри и собори деведесетгодишен маж, при што учесници на непријавениот собир го скршија стаклото на автомобилот и го оштетија, како и уште еден автомобил на таа раскрсница, а на возачот му нанесоа повреди поради кои беше пренесен во Ургентниот центар, Министерството за внатрешни работи апелира и повикува на воздржаност од организирање и учество на непријавени јавни собири, бидејќи ваквите настани можат да доведат до непредвидливи и тешки последици по безбедноста на луѓето и имотот“, се наведува во соопштението на српското МВР.

ВИДЕО | Инциденти на протест во Белград: насилници влетале со кола во блокадата, натепале студент и прегазиле пензионер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот