Студенти денес ќе протестираат во Скопје за полагање правосуден испит на албански јазик – МВР најави посебен режим на сообраќај
Во Скопје денес со почеток 12:30 часот ќе се одржи протестен марш поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит, најави Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
Оттаму велат дека протестот ќе започне од пред плоштадот „Карпошово востание“, улицата „11-ти Март“ преку Камени мост, продолжува по улицата „Никола Вапцаров“ и завршува на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерство за правда. Сообраќајот од овие улици ќе биде пренасочен, а МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Од Министерството за правда рекоа дека се отворени за соработка и дијалог. Посочија дека станува збор за стручен испит, а не за управна постапка.
„Како и претходно, правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, при што законите предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик“, рекоа од Министерството.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ги уверуваше студентите дека ќе се изнајде решение. Истовремено, тој апелираше „да не дозволат да бидат алатка во раце на политичка партија, која живее во спомените од минатото“.
„Овој протест за жал гледам дека е силно поддржан од една опозициска политичка партија, која повеќе од дваесет години не успеа да го реши тоа прашање и сега е лицемерно на овој начин да комуницира со јавноста. Второ што е важно да се каже е дека студентите, своето високо образование го оформиле на својот мајчин јазик, во случајот албанскиот јазик. Ние како Влада имајќи го сето ова предвид, формиравме група на уставни експерти кои работат на решение што ќе биде и уставно и во согласност со меѓународните стандарди“, изјави Мицкоски.


