Непријатна вистина за ќебапите во Полска: Експертите откриваат што всушност има во омилената храна на Балканците
Следниот пат кога ќе се упатите кон киоск за брза храна среде ноќ, можеби би требало да размислите што ќе нарачате, предупредуваат експертите од Универзитетот за еколошки и биолошки науки во Вроцлав, Полска. Тие во 2022 година спровеле генетска анализа на 35 примероци ќебапи и донер/гиро купени во различни ресторани и киосци за брза храна – 31 во Полска и 4 во Германија, пишува „Нова.рс“.
Препорачано
Со помош на ПЦР-методата, тие тестирале за присуство на месо од четири животни: овчо, пилешко, говедско и свинско. За среќа или можеби за жал, се испитувале само овие четири видови.
Резултатите биле изненадувачки. Само 28 отсто од примероците го содржеле исклучиво месото наведено на амбалажата. Дури 60 отсто содржеле месо од други видови – како замена или како дополнителна состојка. Често имало и премногу масти, соја и сол.
Најчесто поскапите видови месо, како јагнешкото, биле заменувани или „разводнувани“ со поевтино месо, најчесто пилешко, кое не било наведено во составот. Многу од примероците на донер-кебаб кои биле рекламирани како јагнешки, всушност содржеле пилешко или говедско месо, а во некои и воопшто немало јагнешко. Три примероци јагнешки ќебапи содржеле свинско, што е особено проблематично за луѓето кои не јадат свинско од верски. Пилешките ќебапи најчесто биле правилно декларирани, освен еден примерок, во кој било пронајдено и говедско месо.
Секако, овие резултати не значат дека сите ќебапи се такви, бидејќи станува збор за ограничен примерок од Полска и Германија. Сепак, слични наоди биле прикажани и во други истражувања ширум светот.
Во Велика Британија, уште во 2009 година биле анализирани 494 ќебапи од 76 различни региони. Утврдено е дека 40 отсто од производите биле погрешно декларирани, а во 35 отсто било пронајдено месо од други животински видови од оние наведените. Шест ќебапи дури содржеле свинско месо кое не било наведено како состојка.
Покрај тоа, некои примероци биле шокантно нездрави. Содржеле до 1.990 калории, што претставува 95 отсто од препорачаната дневна количина калории за жени, како и 346 отсто од препорачаната количина заситени масти и 277 отсто од дневната потрошувачка на сол.
Еден од поголемите проблеми со ќебапите подготвувани во ресторани е тоа што често содржат повеќе месо од друг вид отколку што е наведено, со висок процент на масти, сол и калории, како и разни адитиви и конзерванси. Проблем може да биде и недоволната хигиена за време на подготовката, бидејќи месото често се загрева повеќепати, што ја зголемува можноста за бактериска контаминација.


