Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Странски газди се жалат дека доаѓаат мајстори што не знаат ни шајка да удрат!

Приватни превозници и мајстори и кој сè уште не, нудат работа во странство, а откако нашите граѓани ќе се изложат на трошоци, ќе изгубат време и ќе се разочараат од условите на терен, никој не сноси одговорност за тоа, вели Зоран Кочовски од агенцијата „Коузон“

На македонскиот пазар на трудот, работници регрутира кој стигне, а тоа остава долгорочни последици за државата, вели за „Слободен печат“ Зоран Кочовски, директор на Агенцијата за вработување во странство „Коузон“.

Приватни превозници и мајстори и кој сè уште не, нудат работа во странство, а откако нашите граѓани ќе се изложат на трошоци, ќе изгубат време и ќе се разочараат од условите на лице место, никој не сноси одговорност за тоа. Се кријат зад псевдоними и потоа никој не може да ги најде, а на лиценцираните агенции за посредување им останува да „чистат“ зад нив.

Кочовски е разочаран од ваквата хаотична состојба, а посочува на уште многу битен момент, кој го урнисува нивното работење, а тоа е несоодветната подготовка и недоволните квалификации на луѓето што заминуваат да работат надвор од земјава.

– Не смее да им се дозволи лица што мислат дека сè може да работат, да го рушат достоинството на македонските работници. Лани добивме поплаки од некои странски работодавачи дека кадарот што го вработиле не е соодветен и дека не се задоволни од одредени кадри што се претставувале како квалификувани – додава Кочовски.

Тој вели дека заминувањето на работа надвор од Македонија е светски тренд, кој сè повеќе зема замав и во нашата држава. Но, современите гурбетчии треба да знаат дека нивниот квалитет на живот не ист како дома. Овогодишните сезонци веќе ги пакуваат куферите, а најголем број Македонци одат на сезонска работа во Хрватска, бидејќи многу полесно и побрзо се добива работна дозвола.

– Поради големиот недостиг на работна сила, но и повисоките плати, многу Македонци заминуваат на сезонска работа во странство. Се очекува оваа година меѓу 10 и 12.000 македонски граѓани да заминат на работа во Хрватска, каде што платите се двојно или тројно повисоки за истите работни места овде во државата, а притоа им е платено сместувањето и храната. Трендот ги опфаќа не само невработените и лицата без соодветна стручна подготовка, земјоделците, градежниците, јавна тајна е дека последниве години на сезонска работа заминуваат и вработени, кои земаат неплатен одмор за да заработат нешто дополнително – додава Кочовски.

Дополнително празнење на македонскиот пазар на трудот се очекува и од олеснетите законски услови за работа во Германија од 1 март годинава, кој им дава право на сите што имаат работни договори да го регулираат работниот статус.
– Очекувам дека со сите олеснувања во земјите каде што најчесто одат македонските работници, домашниот пазар да изгуби меѓу 3 до 4 отсто од работоспособното население – поентира Кочовски.

Немањето пасоши со НМК, ќе го одложи заминувањето во странство

Оние што решиле да заминат на сезонска работа во странство, со време си ги регулираат документите, но има и такви што ќе мора да почекаат додека да извадат нови документи и може да ја загубат договорената работа.

– Но имаме и работници што имаат склучени работни договори и регулиран статус, а имаат пасош од 2020 година со старото име. Тие ќе мора да се враќаат дома со патен лист што ќе треба да го извадат во најблиската амбасада или конзулат или, пак, таму да аплицираат за нов документ – вели Кочовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот