Стојановиќ: Македонија има квалитет да се надигрува со секој противник на Мундијалот

Македонија по осми пат ќе игра на ракометните Мундијали/фото: Ракометна федерација на Македонија

Македонската машка сениорска ракометна репрезентација ќе настапува на Светското првенство кое ќе се одржи во Полска и Шведска. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров се наоѓаат во групата „Ф“ во полскиот град Краков заедно со Норвешка, Холандија и Аргентина.

Според селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, кој неодамна беше дел од хуманитарниот ракометно музички спектакл заедно со ракометните великани и актуелните македонски репрезентативци, важно ќе биде нашата селекција да верува дека може да направи добар резултат на Мундијалот.

Македoнија по осмипат ќе игра на светските ракометни првенства. Најдобриот пласман го имавме во 2015 година на СП во Катар освојувајќи го деветтото место.

Раде Стојановиќ беше дел од хуманитарниот ракометно музички спектакл во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје/фото: Ракометна федерација на Македонија

– Како и по обичај месец јануари е резервиран за македонската ракометна репрезентација, се навикна нашиот народ на овие големи натпреварувања. За тоа овој тренд треба да остане, да го чуваме и секоја наредна година да одиме чекор по чекор кон поголем успех – ни изјави Стојановиќ.

Првиот натпревар ќе го играат в петок од 20.30 часот во Таурон арената против Норвежаните, два дена подоцна од 18.00 часот е дуелот со Холанѓаните, а на 17 јануари ривали се Аргентинците. Првопласираните три селекции од секоја група ќе се најде во главната рунда на СП.

– Добар резултат за Македонија е да ја помине групата, па и доколку не ја поминеме, а прикажеме тоа што знаеме, не треба да разочаруваме. Имаме добра генерација, која е помалку искусна на вакви натпревари, но има квалитет да игра и да се надигрува со секој противник. По мене клучот за успех е да веруваат дека можат, да се борат за секоја топка на терен, поддршката ја имаат, која сега им е најпотребна. Им посакувам што подобар пласман и секако втор круг. Со срце за Македонија – вели Стојановиќ.

Сениорската ракометна репрезентација заминува за Краков, Полска на Светското првенство/фото: Ракометна федерација на Македонија

Лазаров го објави конечниот список од 18 ракометари за натпреварите на СП:

Голмани: Никола Митревски (Порто), Мартин Томовски (Вардар)
Леви крила: Дејан Манасков (Вардар), Петар Атанасијевиќ (Е. Пелистер 2)
Леви бекови: Филип Талески, (Вардар), Иван Џонов (Т. Пролет)
Среден бек: Филип Кузмановски (Хановер), Игор Ѓоргиев (Алкалоид), Павле Атанасијевиќ (Е. Пелистер)
Десни бекови: Томислав Јагуриновски (Т. Пролет), Мартин Серафимов (Алкалоид)
Десни крила: Гоце Георгиевски (Вардар), Ненад Костески (Е. Пелистер)
Пикери: Никола Маркоски (Алкалоид), Жарко Пешевски (Е. Пелистер), Марко Стојковиќ (Алкалоид), Костадин Петров (Тор)
Дефанзивци: Михајло Младеновиќ (Алкалоид)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот