весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Стогодишниците ќе имаат супер пензија

Идејата за продолжено пензиско осигурување е со тие пари да се подобри пензијата на корисникот што ја добил кога го остварил правото на пензионирање. Но, прашањето е кога тој ќе го види бенефитот од тоа подобрување. Дури и да се најде јунак што ќе вработи пензионер со платен придонес. На 100 години?!

Пензионерите ќе може да продолжат да си работат на старото место, или да си најдат нова работа, пензија ќе продолжат да си примаат (така прават и сега половина од пензионерите), но она што е ново е дека ќе може да продолжи да им тече пензискиот стаж. Секако, ако сакаат газдите да им уплатуваат.

Новиот Закон за работно ангажирање што на сцена стапува по Нова година, такво решение овозможува, а упатените тврдат дека го има во многу земји во Европа и дека ништо не е чудно.

Но, дека кај нас ова е чудно има многубројни аргументи.

На површина испливаа податоци според кои во просек по 7.000 фирми месечно не исплаќаат ниту минимална плата. Да биде трагедијата поголема, голема фирма ќе се казни со само 1.000 евра за непочитување на „минималецот“. Сè уште јавна тајна е дека постојат фирми што даваат дел од платата во плик, што значи дека за неа не плаќаат ниту пензиски придонес, ниту здравствен, ниту данок. И покрај толкавата потрага по работници, тие што работат во тие фирми не се осмелуваат да ги пријават газдите. На ова како проблем подолго време укажуваат и од Сојузот на синдикати. Ако им „прекипе“ едноставно ја напуштаат фирмата и одат во друга, оставајќи и понатаму некои други да добиваат плик на рака. Такви случаи има и со регрес за годишен одмор. Иако таму се намалуваат манипулациите сѐ уште под превезот „финансиски тешкотии“ – формулација од Колективниот договор за фирмите од приватниот сектор, работниците примаат многу помалку К-15 од минималниот.

На газдите дури не им паѓа на памет повеќе од половина од тие што ќе ги вработат да ги примат во редовен работен однос. Од почетокот на годината заклучно со 31 јули се евидентирани 111.620 засновани работни односи, а од нив повеќе од половината, или точно 61.911 се на определено работно време, покажуваат податоците од Агенцијата за вработување. Но, она што е фрапантно е што голем дел од нив ќе останат на определено време. Законот за работни односи вели до пет години, ама и таму има една дупка, па ќе се смени работната позиција и така определеното време станува вечност.

Во вакви услови газдите ќе им плаќаат придонеси на вработените пензионери?! Можеби….

Во државниот сектор на партиски миленици што одеднаш ќе станат незаменливи, или ако Министерството за финансии не даде одобрување за нови вработувања, па пензионерите се користат за нивно пополнување.

Идејата за продолжено пензиско осигурување е со тие пари да се подобри пензијата на корисникот што ја добил кога го остварил правото на пензионирање. Но, прашањето е кога тој ќе го види бенефитот од тоа подобрување. Дури и да се најде јунак што ќе вработи пензионер со платен придонес. На 100 години?!

Работите се некако наопаку свртени.

А, да се почне од почеток. Да се направи сè што може за да не се бркаат младите од државава, па да требаат пензионери за работни позиции. Да се даваат понормални плати, помали профити на стопанствениците, а со тоа поголеми износи за пензискиот придонес, па и поголема пензија. За манипулантите да има построги казни, мајтапење е казна од 1.000 евра за неисплаќање минимална плата и тоа за голема фирма. Ако има нови вработувања во администрацијата, нека бидат тоа вработени инспектори. И еднаш веќе нека станеме правна држава. Затоа што ако има масовна корупција, како што дефинитивно ја има, ни младите ќе останат да работат, ни возрасните ќе добиваат дополнителен пензиски придонес. Сè ова ќе останат приказни за мали деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот