Сто семејства од Лисиче ќе се ослободат од ќумбињата на дрва и на јаглен

Фото: МИА

Греењето на дрва и јаглен како и палењето пластика, стар мебел, па дури и стара облека, со години наназад се меѓу најголемите причини за загадувањето на воздухот. Лисиче е едно од населените места во Скопје каде што граѓаните се греат со шпорети и ќумбиња на дрва, причина поради која најчесто се принудени да го дишат и најзагадениот воздух на целата територија на земјава.

Колку за потсетување, оваа година на почетокот на јануари, мерните станици за мерење на квалитетот на воздухот токму во Лисиче измерија дури 963 микрограми на метар кубен канцерогени ПМ10 честички. За жал, иако оваа вредност на енормна загаденост оваа година важи за највисока, сепак и останатите денови, во ова населено место, населението е принудено да дише загаден воздух.

-Кога времето е потопло, загадувањето се намалува, но кога постојано е ладно и населението гори дрва или јаглен, смрдеата во воздухот веднаш почнува да се чувствува бидејќи населбата е од збиен тип и куќите се една до друга многу блиску. Сепак, најмногу нѐ трујат несовесните граѓани, кои за да заштедат, во ќумбињата горат стар мебел, гуми, но и секаков друг вид отпад – се пожали Ивона од Лисиче.

Токму во обид да се намали екстремно високата загаденост на воздухот, објавен е јавен повик, втор по ред, за финансиска поддршка на 100 домаќинствата во Лисиче за замена на грејните тела на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад.

-Со цел подобрување на квалитетот на воздухот, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објавува втор повик за финансиска поддршка на домаќинствата од Лисиче кои се греат на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад, со цел замена на старите грејни тела, со нови енергетски поефикасни.  Дополнително на ова, на избраните домаќинства ќе им се помогне да ги заменат и старите (дрвени) прозорци и врати заради зголемување на енергетската ефикасност во објектите во кои живеат. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ – стои во јавниот повик.

Мерењата на загаденост на воздухот покажале дека Лисиче е меѓу најкритичните во Скопската Котлина. Имајќи ги предвид местоположбата и карактеристиките на областа Лисиче – индивидуални објекти за домување, близината на станицата за мониторинг на квалитет на воздух на МЖСПП, доминантниот начин на загревање на домовите со огревно дрво и слично, токму оваа зона е предложена од експертите како тест област, во која треба да се спроведат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

За оваа финансиска поддршка можат да аплицираат сите физички лица што имаат постојано место на живеење во Лисиче, оние што за главен извор на загревање користат енергенси како огревно дрво, јаглен, нафта или отпад, потоа, прифаќаат да го исфрлат од употреба уредот и енергенсот што го користат за загревање.

-Преку повикот е предвидено да се поддржат приближно 100 домаќинства. Бројот на домаќинства може да се промени според висината на расположливите средства – стои во објавата.

Како приоритетна група за поддршка се наведуваат домаќинствата што за 2019 година имале месечен доход во нето-износ до 15.000 денари (односно до 180.000 денари годишно).

-Доколку не се селектираат доволен број домаќинства што припаѓаат во оваа приоритетна група, опфатот ќе се прошири на социо-економски најранливите домаќинства што се пријавиле на повикот односно на домаќинствата што имаат понизок доход – објаснуваат надлежните.

Крајниот рок за пријавување на сите заинтересирани е 5 април 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот