Стивен Спилберг тврди дека вонземјаните веќе ја посетиле Земјата – научниците велат дека можеби е во право
Славниот холивудски режисер Стивен Спилберг (79) повторно ја бранува јавноста. Додека го промовира својот најнов научно-фантастичен блокбастер (Disclosure Day), тој јавно изјави дека е апсолутно сигурен оти вонземјаните веќе ја посетиле нашата планета, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Во интервју за „Си-би-ес љуз“, режисерот изјави:
„Апсолутно мислам дека тие биле тука и дека се тука. А кој знае, можеби отсекогаш биле тука“.
Спилберг објаснува дека неговото уверување се заснова на „посредни докази“ кои ги собирал цел живот, од сведоштва во Конгресот на САД, па сè до бројни документарци кои ги изгледал.
Иако ваквите изјави често се отфрлаат како фантазија, некои научници сметаат дека во неговите зборови можеби има трошка вистина.
Научниците велат – можеби оставиле траги на Месечината, но не и на Земјата
Д-р Јако ван Лун, астрофизичар од Универзитетот Кил, вели дека постои теоретска можност за ваква посета во минатото:
„Ако нè посетиле пред милијарда години, ќе затекнале само мориња со микробиолошки живот и гола земја. Иако можеби не оставиле артефакти на Земјата, интересна можност е дека оставиле некакви уреди или отпад на Месечината или на друго место во Сончевиот Систем за да ја надгледуваат Земјата“.

Главниот проблем – незамисливите вселенски растојанија
Најголемата пречка за евентуална посета на вонземјани се огромните дистанци во вселената, кои за многу научници се непремостлива бариера.
Д-р Томас Хаворт од Универзитетот Квин Мери објаснува, дека најблиската позната ѕвезда со планети е Проксима Кентаури. На нашиот најбрз вселенски брод досега (Parker Solar Probe) би му биле потребни дури 6.500 години само за да стигне до таму. Шансите да има развиен живот на „планетите во соседството“ се екстремно мали, а со подалечните системи растојанијата стануваат уште поголеми.
Брзината на светлината како краен лимит
Во филмовите, патувањето се решава технологија побрза од светлината, но реалната физика е немилосрдна. Д-р Вилијам Алстон од Универзитетот Хертфордшир потенцира дека ништо што има маса не може да ја надмине брзината на светлината. Тоа значи дека едно вонземско патување до Земјата би морало да трае со илјадници години.

„Приказна, а не наука“
Професор Мајкл Герет, експерт од SETI (Потрага по вонземски разум), смета дека Спилберг прави одлични филмови, но неговите тврдења немаат научна основа:
„Земјата е убава сина точка, но во космосот ние сме само една од стотиците милијарди планети во Млечниот Пат. Идејата дека вонземјаните би патувале трилиони милји низ вселената само за да летаат околу воени бази и ниви на фармери, наместо да му се претстават на некој шеф на држава, е малку претерана“.
Научниците потсетуваат дека и покрај децениските истражувања со радиотелескопи, досега не е пронајден ниту еден веродостоен доказ или сигнал од напредна вонземска цивилизација. Сите досегашни „докази“ се сведуваат на заматени видеоснимки.
Еве како една салфетка ѝ донесе на поранешната сопруга на холивудскиот магнат 100 милиони долари


