Фото: mkd.basketball

Стартува плејоф серијата со натпреварот меѓу ТФТ и Маџари

Денеска од 20.00 во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје со првиот натпревар меѓу екипите на ТФТ и Маџари ќе биде означен почетокот на полуфиналната серија во македонската „МТЕЛ“ Супер кошаркарска лига. Поради обврските кои ги има актуелниот лидер ТФТ во АБА 2 лигата и бараж-мечеви за место во АБА 1 лигата против екипата на Борац од Чачак, Србија), полуфиналето на плејофот во машка конкуренција почнува нешто порано од предвидениот календар.

„Црно-белите“ практично и немаат време за одмор, па нивниот предводник од клупата Боро Смилковски, за последниот меч (гостување во Гевгелија), се одлучи да им даде одмор на оние играчи кои се водат како стартери и имаат зад себе најголема потрошувачка на енергија. Сè со цел играчи како Говенс, Гордон, Дејвис, Самервил бидат што е можно подобро подготвени. Не само за оваа полуфинална серија, која се игра според принципот „подобар од три натпревари“, со наизменично домаќинство (1-1-1).

ТФТ ги доби сите досегашни дуели сезонава против Маџари, многу полесно го доби оној меч на гостински терен, во салата „Наум Наумовски-Борче“ во скопската населба Маџари со резултат 111:90. Многу понеизвесни беа мечевите за ТФТ пред својата публика. Во првиот дојдоа до позитивен резултат (79:76), а слично беше и на вториот (85:82), одигран во третиот круг од натпреварувањето во кој се бараа четирите екипи кои ќе бидат дел од доигрувањето за шампионската титула.

Двете екипи очекуваат сериозен придонес на странските играчи. Кај ТФТ одамна е јасно најголемата опасност доаѓа од Дејвис, Гордон, Говенс, особено во нападот, и на Самервил, во оние дефанзивни задачи. Но, сите оние успешни игри во последно време, се одбележани со она што на теренот го прикажува Виктор Ташовски. Репрезентативниот бек игра во врвна форма, и извесно е дека ќе биде сериозен адут на ТФТ за мечевите кои следуваат. Извесно, помош треба да се очекува и од Стојаноски, Зафиров, но и оние помладите како Стојанов и Иванов.

Слична е и распределбата на улогите во Маџари, екипа во која поентерски отскокнува Армстронг, потпомогнат од Грин, но и Луис, додека во оние одбранбени активности има простор за Савиќ. Тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ има на располагање и искуство кое на теренот го пренесува Ивица Димчевски, тука е и Оливер Двојаковски, но и репрезентативен квалитет кој со себе го носат Амар Хот, Марко Луканоски, Алек Петковски.

Втората полуфинална серија во која ќе играат екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, стартува во среда, од 19.00 часот, во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот