Станков: Информациите какви оштетувања прави вирусот, ни помагаат во борбата со него

Медицински тим вади труп на починато лице од коронавирус од Инфективната Клиника во Скопје / 31 март 2020, Скопје, Северна Македонија / EPA-EFE/NAKE BATEV

Само тринаесет обдукции на починати од ковид-19 се изведени на Институтот за судска медицина од почетокот на пандемијата до денеска, потврди директорот на Институтот за судска медицина доктор Александар Станков за „Слободен печат“. Обдукција за секој починат од ковид-19 не се прави, затоа што постои голем ризик да се пренесе инфекцијата на вештаците што го изведуваат процесот.

Овие обдукции биле работени, не поради тоа што лицата биле заразени со вирусот, туку поради тоа што постоела индикација за судско-медицинска обдукција. Кај шестмина од нив, причина за смртта бил директно самиот вирус.

Самата постапка за извршување на обдукција кај овие случаи е едноставна и воопшто не е комплицирана. Меѓутоа, условите што треба да ги исполнува една обдукциска сала за да може да се извршат овој вид на обдукции се доста строги. Истите услови важат за сите случаи кај кои има сомнение дека носат во себе некој патолошки агенс кој е со висок ризик на зараза. Овие услови пропишуваат измена на воздухот најмалку шест пати во текот на еден час, кружно движење од нечист дел во чист дел, работење во скафандер, штит маски и со неколку пара ракавици и на крај правилно одложување на медицинскиот отпад.

– Непрофесионално и невозможно е да не се изработи обдукција кај која има судско-медицинска индикација, без разлика дали тоа тело е заразено со ковид, антракс, ХИВ или кој било патолошки агенс.  Ние, за да се заштитиме, бидејќи како што реков не е возможно да се избегнат обдукции кои се од судско медицинско значење, моравме некако да ги прилагодиме пропишаните услови за работа каде ризикот за инфекција ќе го сведеме на минимум, појаснува доктор Станков.

Според препораките на СЗО и на Центарот за контрола на болести на САД, доколку не постојат услови за заштита на персоналот и околината, не треба да се вршат обдукции кај починати од ковид-19. Досега во светот нема пријавен случај на заразено лице од починат инфициран со ковид-19. Иако е така, сепак уште не се знае дали и во какви услови може да се пренесе вирусот од мртво тело на жив човек.

– Затоа не се вршат обдукции во овие случаи. Меѓутоа, иако со висок ризик, нашиот Институт никогаш не престана со работа без разлика дали починатиот бил позитивен на ковид-19 – додаде директорот.

Наспроти скепсата на критичарите дека нешто се крие кога не се врши обдукција на сите починати од ковид во земјава, Станков уверува дека вистината е спротивна. Кај овој вид случаи, објаснува тој, обдукцијата би имала единствено едукативно значење, за да се утврди какви оштетувања предизвикува вирусот. Но, нашето здравство не е дизајнирано за пандемија, поради редуцираноста на медицинскиот кадар.

– Обдукциите не се вршеа зашто ризикот за проширување на инфекција на персоналот кој работи на таа обдукција е голем. Замислете да го затворите Институтот за патологија или судска медицина. Тоа се единствените институции каде што се вршат повеќе од 90 проценти од обдукциите. Тогаш ќе ги изгубевме експертите на одреден временски период, а тие експерти не се тука само за ковид-19, туку и за многу други, исто така важни за населението експертизи. Информациите какви оштетувања прави вирусот се досега познати и се добиени преку едногодишното искуство на македонското здравство од клиничките случаи и нашите обдукции. Сето ова искуство, заедно со информациите кои ги добиваме од светот, се доволни да имаме сознанија како да се бориме со вирусот – вели Станков.

Судска медицина извршила 13 обдукции на починати од ковид-19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот