Станкоски од Тутунски комбинат Прилеп: Реално го проценуваме тутунот, просечната цена е 171 денар

Фото: mia.mk

Тутунскиот комбинат Прилеп реално го проценува тутунот, тврди генералниот директор, Кире Станкоски. За околу две недели, од почетокот на откупот, преземени се скоро 80 тони тутун, а просечната цена е 171,22 денара, додека на ниво на државата изнесува 165 денари за килограм.

Годинава квалитетот е нешто послаб, вели Станкоски, но допрва се очекуваат повисоките, квалитетни берби.

– Тутунарите знаат дека годинава е послаб квалитетот на тутунот. Пролетта беше лоша кога се расадуваше тутунот, потоа сушен летен период, а во август врнежи кога тутунот прерасна. Сето тоа доведе до послаб квалитет од лани. Она што во комбинатот доаѓа, реално се цени и маката на тутунопроизводителите реално се проценува. И, што е најбитно, ние инсистираме еден ден по откупот да се исплати тутунот. Инаку, од почетокот на откупот, Комбинатот има откупено околу 80 тони со просечна цена од 171,22 денари, а до петокот на ниво на држава просечната цена е 165 денари за килограм. Денеска има прилив на квалитетен тутун и просечната цена е 193, 33 денари за килограм, изјави Станкоски.

Според него, не е точно дека тутунот се откупува по 120 до 130 денари за килограм.

– Гарантирам, досега во прилепскиот Тутунски комбинат реално се цени тутунот. Главно, досега се носеа долните и средните берби и очекуваме, дополнително, квалитетен тутун за откуп. Се надевам дека доколку се остават тутунарите да го подготват тутунот за откуп, сега врменските прилики погодуваат, ќе добиеме и повисока просечна откупна цена и на крајот на откупот сите ќе бидеме задоволни, вели Станкоски.

Неспорно е, додаде диреторот, дека тутунарите имаат право – доколку има нереална процена, да го стопираат откупот, а нивните повереници да пријават до второстепената комисија.

– Тоа е нивно право, но според податоците, досега никој официјано не оспорил откуп до второстепената комисија, рече Станкоски.

Оцени и дека ако цената е 120 до 130 денари, револтот е оправдан.

– Сегашниот прилив на тутун, бројките за откуп и квалитетот кој пристигнува, налага да констатираме дека просечната цена ќе биде поголема од досегашните 171 или 172 денара, истакна Станкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот