ССМ со нова потрошувачка кошничката-поранешните министри Тевдовски и Поповски ги „мерат“ вистинските потреби на граѓаните

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов најавува дека новата методологија ќе покаже што значи доколку едно четиричлено семејство има кредит, плаќа кирија и слично, како и колкави се нивните реални потреби за храна. Методологијата на пресметката на синдикалната минимална кошничка не е сменета од 2010 година

Сојузот на синдикатите ги ангажирал двајцата поранешни министри за финансии, а сега професори Драган Тевдовски и Никола Поповски, да ја „измерат“ вистинската вредност од минималната потрошувачка кошничка, а која се пресметува со истите параметри од 2010 година, вели за „Слободен печат“ претседателот Слободан Трендафилов.

Од него и најавата дека новата методологија ќе биде обелоденета на 28 декември, а таа ќе покаже што значи доколку едно четиричлено семејство има кредит, плаќа кирија и слично, како и колкави се нивните реални потреби за храна. Неофицијално при пресметката се земени предвид патните трошоци за превоз за двајцата родители, интернет, годишен одмор во земјава, лекарствата, по еден билет месечно за кино или театар, пари за нови евтини обувки. Така, новата кошничка ќе поскапи за најмалку 10 отсто од актуелната. Ќе се обидеме да ги надградиме сите вистински параметри за да се види колку пари му се потребни на едно домаќинство да го истурка месецот на мускули, откри Трендафилов.

– Со нашите скромни средства ангажиравме двајца поранешни министри, се разбира користејќи ги и искуствата од регионот, да им покажеме на функционерите дека не се во право кога тврдат дека помалку пари им биле потребни на граѓаните да преживеат. Се разбира, просечната синдикална минимална кошничка ќе покаже дека таа чини колку една функционерска плата. Да, со нивната плата убаво се живее. И затоа нема информација дека некој функционер си заминал од државата, додека, за жал, работниците секојдневно си заминуваат, бидејќи во земјава не може да преживеат – објасни Трендафилов.

Последниот податок на ССМ за ноември пресметува дека на едно четиричлено семејство му биле потребни повеќе од 46.000 денари за да го помине месецот. Но, параметрите што влегуваат во таа кошница, според синдикалците ни оддалеку не соодветствуваат со состојбите во изминатите 13 години. Кошничката ги содржи месечните потреби што опфаќаат 26 килограми леб, 13 литри млеко, 1,6 килограми месо, 1,2 килограми риба ослич, 2,3 килограми сирење, 700 грама кашкавал, 400 грама чоколадо, 3,5 килограми јаболка и помалку од 2 килограми портокали и банани. Во неа како сезонска потреба се вметнати еден чифт чевли.

– За одржување на здравјето имавме само аналгин и дијазепам. Никој не пресмета дека за една обична настинка потребни се над 1.000 денари, без разлика дали е дете или возрасен. Не станува збор за луксуз, туку лекарства потребни за најобична настинка. Значи, земени се нови лекарства, нови параметри за одржување на хигиената, подобрен е културниот живот – рече неодамна Иван Пешевски од ССМ.

Европскиот индекс на потрошувачката кошничка е надвор од контрола!

Индексот на потрошувачката кошничка во Европа (ЦПИ) е надвор од контрола, бидејќи цените на некои основни намирници, како, на пример, на млекото и на овошјето, во 2022 пораснаа енормно. Некои од податоците во регионот покажуваат дека во Црна Гора на четиричлено семејство му се потребни 1.850 евра за задоволување на реалните потреби во текот на еден месец. Просечната кошничка во Србија е над 50.000 денари, а во БИХ покриеноста на синдикалната потрошувачка кошничка со просечна плата е 37,98 отсто, а со минимална плата е 17,94 отсто. Хрватската кошничка чини над 850 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот