ССМ и УПОЗ апелираат: Предложениот закон за административни службеници да не се гласа по брза постапка

Фото: МИА

Ако предложениот закон за административни службеници помине по брза постапка со европско знаменце на собраниска седница, од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на работниците од управата,правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) изразуваат загриженост дека се нарушуваат работничките права и интереси, без почитување на стандардната процедура за донесување на закони со активно учество на заинтересираните страни , по пат на јавна расправа и социјален дијалог преку Економско социјалниот совет.

Во отворено писмо до пратениците од ССМ и УПОЗ инсистираат да се почитува социјалниот дијалог и законот да ја помине целокупната законска процедура, да се овозможи преставник на ССМ да учествува во работата на собраниските комисии кога ќе се разгледува Предлог законот и да се имаат во предвид забелешките , мислењата и предлозите на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Доколку ваквиот Закон помине, одговорноста ќе биде на тие што го донеле и на тој што го предложил, особено поради тоа што ваквиот Закон значи околу 2.500 денари помалку во џебот на вработените во јавниот сектор за кои се применува Законот за административни службеници што е недозволиво да се случи на крај на мандат, на неколку денови пред избори во Македонија – се вели во писмото.

Тие упатија и неколку забелешки, мислења и предлози што се однесуваат на Законот за административни службеници.

1.Членот 72 од предложениот текст на Законот за административни службеници да се брише и до отпочнувањето на пресметка на основната бруто платата согласно член 13 од ОКД за јавен сектор на начин што просечната бруто плата се множи со коефициентот на сложеност на работното место да остане на сила член 87 од постојниот Закон за административни службеници кој гласи :

(1) Основната компонента на плата ја сочинуваат:
– минимална плата,
– дел на плата за степен на образование,
– дел на плата за ниво и
– дел на плата за стаж.
(2) Минималната плата е онаа која министерот за труд и социјална политика, ја објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ согласно со закон.

Образложение:
На овој начин во интерес на обезбедување на основната егзистенцијата на вработените во јавната администрација во услови на инфлација, зголемени цени на основните животни продукти и енергенсите и намалената куповната моќ на населението, потребно е во текот на 2024 година да се изврши усогласување на платите на вработените во јавниот сектор со порастот на минималната плата, а од 01.3.2025 година, ќе отпочне пресметка на основната бруто платата согласно член 13 од ОКД за јавен сектор на начин што просечната бруто плата се множи со коефициентот на сложеност на работното место.

2. Во член 73 да се уреди учество на синдикатот во преговорите со Владата за утврдување на вредноста на бодот неопходни за пресметување на основната платата на државните и јавните службеници, односно коефициентите на сложеност на одредени работни места да се уредат со колективен договор.

3. Член 75 да се преформулира и да се исклучи можноста за добивање на слободни денови за ангажман за работа надвор од редовното работно врема туку за ваквите ангажмани вработените да добијат соодветен паричен надоместок согласно закон и КД.

4. Во член 64, застареноста кај поведувањето на дисциплинските постапки да се ограничи на 1 месец од дознавање и 3 месеци од сторување на повредата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот