Српско-хрватски препукувања: Весиќ одговори на „Ногометна Држава Хрватска“

Фото: Фејсбук

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура и поранешен градоначалник на Белград, Горан Весиќ, на Фејсбук објави фотографија на која држи фудбалски дрес од репрезентацијата на Аргентина со бројот 57 и презимето Јововиќ.

Весиќ ја објави фотографијата пред вчерашниот натпревар меѓу Аргентина и Хрватска, кој „гаучосите“ го добија со резултат 3:0. На овој начин министерот одговори на насловната страница на списанието „Хрватски тједник“, објавена по победата на Хрватска на пенали против Бразил во четвртфиналето на Мундијалот. Преку шаховницата, на насловната беше испишано „Ногометна Држава Хрватска“ со јасна алузија на кратенката НДХ (фашистичката Независна држава Хрватска од Втората светска војна).

Во српската јавност имаше многу негативни реакции на насловната страница, а критичарите наведоа дека со ова се велича НДХ и фашизмот, како и геноцидот кон Србите што се обидела да го спроведе марионетската усташка држава на Анте Павелиќ.

Весиќ го одбрал бројот 57 на дресот како потсетување на 1957 година, кога Благој Јововиќ, Србин од Црна Гора и член на Четничкото движење на Дража Михајловиќ, кој исто како и Павелиќ, емигрирал во Аргентина по војната и во ’57-та извршил атентат врз усташкиот водач во Буенос Аирес. Јововиќ со два куршума го ранил Павелиќ, кој никогаш целосно не закрепнал од раните и починал две години подоцна во Мадрид.

„Пеницилин за Ногометна држава Хрватска“, напиша Весиќ во објавата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот