Фото: EPA/ANDREJ CUKIC

Српскиот студент Стојановиќ ексклузивно за „Слободен печат“: Луѓето мислат дека се откажуваме, но ние го менуваме фокусот

Српскиот студент Арсеније Стојановиќ за „Слободен печат“ вели дека негови колеги од движењето добивале телефонски повици од непознати луѓе, кои им кажувале дека знаат каде живеат, кои им се родителите, па дури и ги наведувале нивните имиња.

Српските студенти не се повлекоа од улиците, туку ја сменија тактиката. Од блокади и масовни протести, движењето сега се префрла кон изборна мобилизација, граѓански собири и директни разговори во селата, таму каде што власта на Александар Вучиќ со години е најсилна.

Во исто време, притисоците, заканите, судските постапки и насилството покажуваат дека борбата веќе не е само студентска, туку станува судир меѓу граѓанскиот револт и режим што сè почесто ја покажува сопствената сила преку насилство и страв.

Студентот на Биолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, Арсеније Стојановиќ, кој е еден од учесниците во движењето, за „Слободен печат“ вели дека впечатокот дека студентскиот отпор губи сила е погрешен. Движењето не се повлекло, објаснува тој, туку влегува во нова фаза.

Стојановиќ вели дека и во Македонија, но и во самата Србија, дел од јавноста помислила дека студентите се измориле, се откажале или биле поразени. Но, студентот посочува дека тоа е погрешна слика.

— Луѓето мислеа дека студентското движење сè забавува, дека веќе нема акција, дека сме се откажале или дека сме поразени. Но, тоа е главно бидејќи од минатата година го сменивме фокусот — објаснува Стојановиќ.

Студентите и натаму организираат акции и протести.

Најголемиот најавен собир, вели Стојановиќ, е на 23 мај во Белград. Тоа треба да биде еден од најголемите собири во поновата српска историја. Но, за разлика од претходниот период, кога главната слика беа масовните излегувања на улица, сега тежиштето се поместува кон изборите.

— И понатаму сме многу активни во протестите, но сега сме повеќе насочени кон изборите — вели тој.

Токму изборите се и причината поради која студентите ја развиле една од своите најважни акции — „Студент во секое село“, преку која организирани студентски групи одат во помали места и села, поставуваат штандови и разговараат со жителите за протестите, изборите и состојбата во земјата, обидувајќи се да ја пробијат медиумската изолација.

Една фреквенција, многу лаги

Стојановиќ објаснува дека студентите се свесни оти најсилното оружје на режимот е медиумската контрола. Во селата и во помалите места, додава тој, особено кај луѓето што немаат кабелска телевизија, главни извори на информации остануваат РТС, Пинк, Прва, Б92, Информер и други медиуми блиски до власта.

— Дискутабилно дали воопшто може да се нарече извор на вести, Многумина од нив имаат национална фреквенција, што значи дека луѓето во селата, на пример, ако не плаќаат кабелска телевизија, можат да ги гледаат само тие канали. Значи, тоа е пропаганда. Тие немаат информации. Ја слушаат само едната страна дури и ако некои од нив сакаат да видат нешто друго. На пример, луѓето што живеат овде во Белград честопати се соочуваат и со другата страна, сакале или не. Излегуваат надвор, гледаат протести, гледаат весници — објаснува студентот.

Затоа „Студент во секое село“, посочува Стојановиќ, е добра алатка и буквално значи тоа што го кажува името.

— СНС доаѓа и ви кажува што треба да правите и што треба да мислите. Нашите луѓе одат таму и прашуваат: што мислите вие, што мислите дека треба да направиме, дали не се согласувате со нас и зошто не се согласувате? — објаснува тој.

Студентот вели дека реакциите во селата биле подобри од очекуваното. Секако, имало и напади, закани и навреди од таканаречени „загрижени граѓани“, но во многу места луѓето првпат почувствувале дека некој навистина дошол да ги праша што мислат.

Дури и ако не го сменат својот глас, смета Стојановиќ, важно е што гледаат дека некој се интересира за нивното мислење.

„Борбата влегува во нова фаза“

Српскиот новинар Матеја Агатоновиќ за „Слободен печат“ ја опишува оваа состојба како влез во нова фаза на борбата. Тој оценува дека веќе не станува збор само за студентски отпор, туку за поширока „општествена побуна“ која не ја сочинуваат само студентите или вработените на факултетите, туку и граѓаните. Српското општество, вели тој, влезе во фаза што е многу поконцентрирана од претходно.

Агатоновиќ оценува дека веќе нема редовни масовни изливи на незадоволство како порано, но дека граѓаните се мобилизираат на секој провокативен сигнал од власта или од нејзините поддржувачи. Како примери ги наведува ад хок протестите, организирани буквално истиот ден или преку ноќ, поради неодамнешното газење пензионер пред Правниот факултет, киднапирањето на млад човек во Ресник, како и реакциите кон активистите на Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ, каде и да се појават со банерите „Србија победува“.

Тој објаснува дека неопределените граѓани, кои досега главно биле мнозинство, сега стануваат малцинство. Луѓето, вели новинарот, во најголема мера веќе се определиле „за“ или „против“ студентите, односно „за“ или „против“ Вучиќ. И сите чекаат избори.

Во една акција — 400.000 потписи

Покрај акцијата во селата, студентите се потпираат и на локални граѓански собири во населбите и во градовите.

Стојановиќ дава римери како Баново Брдо и Церак, но и други делови од градовите каде што граѓаните се самоорганизираат и работат на локално ниво. Во една акција за собирање потписи, на 28 декември, студентите собрале над 400.000 потписи за еден ден, како показател колку луѓе можат да сметаат како потенцијална поддршка или дел од движењето.

Во оваа мрежа не се само студентите. Тој ги споменува и фармацевтските работници, наставниците, докторите и земјоделците, кои, исто така, се самоорганизирале, а дел од нив биле и физички нападнати.

Истовремено, на улиците се води и симболичка војна со налепници, графити и со слогани.

На студентското „Студентите победуваат“, власта и нејзините поддржувачи одговориле со „Србија победува“. На факултетите, вели Стојановиќ, биле испишувани графити против „блокадерите“, меѓу кои и на Факултетот за хемија во центарот на Белград.

„Студентите не ѝ веруваат на опозицијата“

На изборен план, студентите инсистираат на строга политика без коалиции со опозициските партии. Стојановиќ вели дека тоа е едно од правилата за кои движењето е најстрого поради едноставна причина — недоверба кон партиската опозиција.

Тој наведува дека дел од опозициските политичари првин ги фалеле студентите како млади, паметни и чисти, но кога студентите одбиле коалиција, истите луѓе почнале да ги нарекуваат наивни и неискусни.

— На почетокот велеа: „Ги поддржуваме студентите, тие се млади, знаат што прават“. А кога останавме доследни на тоа што го кажавме, дека не сакаме коалиција, почнаа да велат: „Премлади се, не знаат што прават“ — објаснува студентот.

Стојановиќ прави разлика меѓу национално и локално ниво. На локални избори, студентите можат да поддржат локално препознатливи луѓе, кои граѓаните ги знаат и им веруваат, но тоа не го сметаат за коалиција со опозицијата. На национално ниво, пак, смета тој, нема политичар што сите го познаваат и кому сите му веруваат. Затоа студентите сакаат да останат посебна сила, без да бидат впиени од постојните партии.

Сепак, тие прифаќаат безусловна поддршка доколку студентското движење не се искористи како алатка за доаѓање на власт.

„Најавените собири може да бидат пресудни“

Новинарот Агатоновиќ, пак, смета дека најавените големи собири од двете страни може да бидат пресудни за следниот чекор.

Студентите најавуваат собирање на Славија во центарот на Белград на 23 мај, а СНС, според најавите, за Видовден планира собири во повеќе градови. Според него, релативниот успех или неуспех на овие протести може да одреди дали Србија ќе има вонредни избори оваа година. Тоа мерење на силите, оценува Агатоновиќ, може да ја одложи или да ја поттурне одлуката што Вучиќ одамна ја најавува, но за која ништо конкретно не презема, наводно поради глобално нестабилната ситуација.

Новинарот додава дека Вучиќ лицитира со изборите и за да ги дезориентира јавноста, опозицијата и другите политички актери. Но, според него, однесувањето на Вучиќ по овие собири ќе биде јасен сигнал дали тој и понатаму има мнозинство, дури и со селективното насилство што, според Агатоновиќ, било применувано на последните локални избори.

Пиштоли, секири и закани

Атмосферата на локалните избори оваа година ги покажува методите на владата на Вучиќ.

Арсеније Стојановиќ посочува дека студентите следеле нерегуларности во повеќе места, а како најлош пример ја наведува Кула, каде што, вели тој, имало закани, луѓе со качулки и со маски, луѓе што ваделе пиштоли и што се појавувале со секири.

И покрај тоа, вели тој, контактот со селата и со малите места покажал дека постои простор за разговор и дека луѓето не се толку затворени колку што изгледа преку медиумската слика.

Но, изборната мобилизација се одвива паралелно со притисоци, закани, полициско насилство и со судски постапки.

Студентите се прикажани како антидржавни елементи

Стојановиќ вели дека студентите честопати се соочуваат со обвиненија за напад врз полицаец или за напад врз уставниот поредок, што во јавниот наратив се претставува речиси како тероризам или обид за уривање на државата.

Девет студенти, вели тој, се обвинети за напад врз уставниот поредок, а нивните судења повеќепати биле одложувани. Во еден случај, судењето било откажано со објаснување дека судијката е бремена, иако тоа, според него, морало да се знае претходно.

— Тоа е буквално обид да ги држат во неизвесност, за да вршат притисок врз нив — оценува студентот.

Тој и самиот бил приведен и двапати бил на суд, но очекува ослободување бидејќи станува збор за прекршочни, а не за кривични постапки. Во еден случај, полицијата направила грешка во записникот и напишала друго име, поради што судијата го вратил предметот во редовна постапка.

Студентот го споменува и случајот со студент кој бил во притвор и штрајкувал со глад. Кога му починал таткото, му било дозволено да оди на погреб, но со синџири. Истовремено, вели потенцира тој, луѓето обвинети за падот на натстрешницата биле задржани кратко и пуштени дома, што кај студентите создава чувство на длабока селективност на правдата.

„Татко ти и мајка ти се викаат…“

Заканите се уште еден дел од притисокот. Стојановиќ вели дека лично не добил смртни закани, но негови колеги добивале повици на мобилен телефон во кои непознати луѓе им кажувале дека знаат каде живеат, кои им се родителите и ги наведувале нивните имиња.

Власта не се дистанцира од таквото насилство. Напротив, тој наведува примери во кои Вучиќ и функционери блиски до власта ги релативизирале или оправдувале напаѓачите.

Стојановиќ ја даде како пример изјавата на министерот за информации и комуникации, Борис Братина, дека „студентите треба да сфатат дека полицијата има право да ги убие“, по што следуваше објаснување дека „не мислел така“. Според него, Вучиќ потоа се претставил како некој што ги смирува „своите луѓе“, велејќи дека тие сакале да ги фрлат студентите во Дунав, но тој им рекол дека тоа не е во ред.

За Стојановиќ, тоа не е смирување, туку закана претставена како милост. Тој ја опишува врската меѓу хулиганите и полицијата со реченицата „првин те тепа криминалец, а потоа криминалец во полициска униформа“.

Судските постапки и заканите, вели тој, се тактика на заплашување. Дури и кога активистите знаат дека обвиненијата веројатно нема да завршат со сериозни последици, додава Стојановиќ, психолошкиот ефект е реален.

„Полицијата има право да ги тепа и да ги убие студентите“ – изјавата поради која се бара смена на српскиот министер Братина

Осум конци на главата и траума

Студентот раскажува дека на Видовден, на 28 јуни лани, бил претепан од жандармеријата и завршил со осум конци на главата. Потоа, додава тој, станал уште поактивен, но искуството оставило трага. Кај него и кај други активисти се појавиле реакции слични на посттрауматски стрес, особено при средба со полиција, жандармерија или со опрема за разбивање протести.

— По тоа што ми се случи, станав десет пати поактивен. Но, секогаш кога ќе видам полицаец или жандармерија, имам реакција. Понекогаш, кога ќе видам интервентна полиција, чувствувам гума и крв во устата. Се јавува анксиозност. Тоа е цената што мора да ја платиме за нешто да се промени — вели Арсеније.

Србија влегува во период во кој студентската побуна, граѓанските зборови, селата, локалните избори, медиумската блокада, судските постапки и уличниот притисок стануваат делови од една иста политичка битка. Студентите се обидуваат протестната енергија да ја претворат во изборна сила, но без да станат продолжена рака на опозицијата.

Новинарот Агатоновиќ смета дека следните големи собири ќе покажат дали таа сила може да ја забрза одлуката за вонредни избори, но и дали Вучиќ сè уште располага со мнозинство во општество што сè помалку има простор за неопределени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот