Горан Марковиќ ФОТО/Принтскрин Фејсбук

Српскиот режисер Горан Марковиќ, кој ги поддржува студентите, добил отказ од универзитетот

Реномираниот и наградуван југословенски и српски режисер, писател и сценарист Горан Марковиќ во среда објави дека е отпуштен од Академијата за уметности во Нови Сад и дека за тоа дознал од приватна преписка со студенти, а можната причина за отпуштањето ја гледа во неговата јавна поддршка за повеќемесечните студентски протести, пренесува Н1 телевизија.

Марковиќ на својата Фејсбук страница изјави дека претпоставувал дека таквата одлука е донесена поради неговата поддршка на студентските протести и неговата изјава дека нема да работи додека факултетот е блокиран, а студентите и професорите се апсени.

Тој изјави дека добил информации од студенти на докторската студиска програма на Академијата за уметности во Нови Сад дека повеќе не работи како професор по предметот Поетика на големите режисери.

„Да не ми ја пренесоа оваа вест приватно – немаше ни да знам дека сум отпуштен“, изјави Марковиќ.

Тој додаде дека минатата есен потпишал договор за продолжување на ангажманот и дека по трагедијата на железничката станица во Нови Сад и смртта на 16 лица, му било кажано дека часовите се одложуваат до понатамошно известување и дека никој од Академијата не го контактирал оттогаш, но дека договорот со него никогаш не бил раскинат, ниту пак му биле платени часовите што ги држел.

„Ајде да се договориме за нешто друго – ако сега ме поканите да продолжам да предавам – не би се согласил со тоа, ниту директно ниту преку интернет, сè додека блокадата на факултетот продолжува, додека полицијата апси и безмилосно тепа студенти и бунтовни граѓани во Нови Сад и другите градови во Србија“, рече Марковиќ.

Горан Марковиќ припаѓа на генерацијата на таканаречените прашки школи со режисерите Рајко Грлиќ, Лордан Зафрановиќ, Горан Паскаљевиќ и Срѓан Карановиќ.

Предавал режија на Факултетот за драмски уметности во Белград, член е на Европската академија за филмска уметност во Брисел и има освоено повеќе од 30 југословенски, српски и меѓународни филмски и театарски награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот