Никола Селаковиќ Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Српскиот министер за култура склопил „закон“ за Генералштабот за да спаси жива глава ако го фатат?

Српската обвинителка во пензија Јасмина Пауновиќ вели дека случајот со Генералштабот не е воден од јавен интерес, туку од обид да се заштитат одредени интересни групи во извршната власт, посочувајќи дека доколку Јавното обвинителство за организиран криминал одело подлабоко во истрагата, постои реална можност кривична одговорност да сноселе уште неколку министри кои на различни начини учествувале во укинувањето на заштитата на овој објект кој имал статус на културно добро.

Членовите на Анкетната комисија во Србија, зборувајќи за лекс специјалисот за Генералштабот, истакнаа, како што рекоа, бројни негови неуставности, а особено ја нагласија одредбата што се однесува на ретроактивноста, со која се тврди дека „Генералштабот никогаш немал статус на културно добро“, како и дека никој не може да одговара за укинувањето на заштитата, објави „Н1“.

Комисијата оцени дека тоа отвора простор за амнестирање на оние кои извршиле кривични дела поврзани со укинување на заштитата и со фалсификување документи.

— Постапката е расипана, законот е создаден во Владата, да не се сомневаме во тоа, и им е даден на пратениците (СНС, предводени од Миленко Јованов) за да се замагли суштината – дека со законот се сака да се поттикне амнестирачко дејство во однос на министрите против кои се води или може да се води постапка во врска со овој проект. За тие да не го предлагаат, го предлагаат пратеници предводени од Миленко Јованов — изјави професорот на Правниот факултет во Белград, Танасије Маринковиќ.

Протекоа детали за аферата „Генералштаб“ во Србија: министерот за култура фалсификувал документи и го газел Уставот за проектот на зетот на Трамп?

Со ова се согласи и поранешната претседателка на Уставниот суд, Вида Петровиќ Шкеро.

— Законодавецот, со кршење на начелото на поделба на власта, ја прогласи за ништовна одлуката од 2005 година со која Генералштабот стана културно добро. Донесовме закон со ретроактивно дејство со кој се тврди дека Генералштабот никогаш немал статус на културно добро, со што се обидува да се елиминира кривичната одговорност на обвинетите за фалсификат — истакна таа.

За потсетување, Обвинителството за организиран криминал подигна обвинение против министерот Никола Селаковиќ, в.д. директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата Горан Васиќ, в.д. директорот на Градскиот завод Александар Ивановиќ и в.д. секретарката во Министерството за култура, Славица Јелача.

„Законот“ и не е баш закон

Маринковиќ укажа на бројни неуставности и незаконитости на лекс специјалисот за Генералштабот.

Тој истакна дека т.н. лекс специјалис за Генералштабот, во суштина, не е закон, туку управен акт, со што се прекршуваат Уставот и начелото на поделба на власта.

— Уставот пропишува дека законите се општи акти и дека содржат општи норми, а овој „закон“, кога ќе се погледнат членовите што се однесуваат на одземање на својството културно добро на Генералштабот и Министерството за одбрана, се покажува како управен акт. Тоа е повреда на Уставот и на владеењето на правото. Се повредува и начелото на поделба на власта. За тоа што е културно наследство не одлучуваат стручните, туку пратениците како некомпетентни, кршејќи го Уставот и самостојноста и поделбата на власта — нагласи тој.

Тој додаде дека се повредени и уставните одредби што се однесуваат на заштита на животната средина, како и постапките поврзани со културното наследство.

„Сакале да се спасат со аболиција“

Обвинителството за организиран криминал (ТОК) започнало постапка за докажување кривична одговорност на луѓето наведени во обвинителниот предлог во случајот „Генералштаб“ многу пред донесувањето на лекс специјалисот, па затоа лекс специјалисот може да се гледа од два агла, наведува поранешната обвинителка Јасмина Пауновиќ.

— Првиот е релативизирање на постојниот закон и флексибилно толкување на „подарокот“ на овој простор на Џаред Кушнер, а вториот е аболирање на сите кои се наоѓаат во обвинителниот предлог. Затоа и самиот назив „лекс специјалис“ не е адекватен, имајќи предвид дека станува збор за управен акт, а не за закон, а второ, не се однесува на општ, туку на индивидуален интерес, па повеќе би можеле да го наречеме лекс индивидуалис — наведе таа.

Вучиќ се закани со кривична пријава откако зетот на Трамп се повлече: Лично ќе се погрижам да одговараат сите што ѝ наштетија на Србија

„Повеќе министри ќе беа под лупа на законот“

Пауновиќ наведува дека на сите обвинети во случајот Генералштаб кривичните дела им се квалификуваат како дела со коруптивни елементи бидејќи „прибавиле корист за некој друг, кој во овој случај апсолутно не смее да постои затоа што станува збор за културно наследство“.

— Мотивот на лицата опфатени со обвинението е исклучиво заштита на интересни групи во извршната власт. Доколку Јавното обвинителство за организиран криминач решеше да оди понатаму, се плашам дека кривична одговорност ќе сноселе уште неколку министри кои на некаков начин учествувале во ова развластување на споменикот на културата — вели Пауновиќ.

Лекс специјалисот е донесен заради аболирање функционери, наведува Пауновиќ, и изразува страв дека со законот не е мотивирано аболирање и на сите други лица кои би можеле да се најдат во обвинителниот предлог.

— Ако го следиме моментот на донесување на лекс специјалисот, ќе видиме дека тој е донесен токму во моментот кога во обвинителниот предлог се појави министерот за култура. Значи, тенденцијата на власта е да ги заштити сите свои припадници од извршната власт кои евентуално би можеле да се најдат на некаков обвинителен предлог — заклучи Пауновиќ.

Србија одобри договор со Кушнер за изградба на луксузен хотел на местото на поранешниот генералштаб во Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот