Никола Селаковиќ / Фото: EPA-EFE/KAY NIETFELD / POOL

Протекоа детали за аферата „Генералштаб“ во Србија: министерот за култура фалсификувал документи и го газел Уставот за проектот на зетот на Трамп?

Највисоките функционери на Министерството за култура и на заводите за заштита на споменици во текот на 2024 година свесно и спротивно на законот спремале одлуки за укинување на статусот културно добро на зградите на Генералштабот во Белград, користејќи неовластени и нецелосни акти со невистинити податоци за да донесе Владата на Србија одлука за која не постоеле законски услови, објави „Нова“.

Порталот ги открива деталите од обвинителниот предлог и улогата што во целиот процес ја имал министерот за култура Никола Селаковиќ, како и одлуките што тој ги потпишувал.

Поради аферата „Генералштаб“, обвинителен предлог е поднесен против повеќе луѓе – министерот за култура Никола Селаковиќ, секретарката на Министерството за култура, Славица Јелача, в.д. директорот на Републичкиот завод за заштита на споменици на културата, Горан Васиќ, и в.д. директорот на Заводот за заштита на споменици на културата на град Белград, Александар Ивановиќ – поради незаконитости при укинувањето на статусот културно добро на зградите на Генералштабот.

Аферата „Генералштаб“ беше откриена пред неколку месеци со апсењето на Васиќ, а Јавното обвинителство за организиран криминал со месеци е изложено на притисоци поради работата на овој предмет.

До неодамна не беше познато дека еден од осомничените е и актуелниот министер за култура Никола Селаковиќ, а „Нова“ ексклузивно открива каква била неговата улога во процесот на укинување на заштитата на Генералштабот, по што објектот бил продаден.

Ќе ја тужи ли Вучиќ пола Србија бидејќи зетот на Трамп се повлече?

Нанеле штета на културното наследство на Србија

Според наводите од обвинителниот предлог, Селаковиќ, Јелача, Васиќ и Ивановиќ се товарат дека во периодот од втората половина на мај до крајот на ноември 2024 година постапувале спротивно на Уставот и на законите на Србија, пречекорувајќи ги своите службени овластувања и нанесувајќи штета на културното наследство на Србија.

Иако, според Уставот, Законот за културно наследство и Законот за култура, биле должни да ги штитат културните добра, осомничените, според обвинението, „свесни дека не постојат законски услови, преземале дејствија со цел на зградите на Генералштабот во Белград да им се укине статусот културно добро“.

Клучен момент за истрагата бил 10 јули 2024 година, кога министерот Селаковиќ во Министерството за култура ги повикал Горан Васиќ и Александар Ивановиќ, во присуство на Славица Јелача, и им наложил истиот ден да достават акти насловени како „Предлог-одлука за престанок на статусот културно добро на зградите на Генералштабот“.

Целта била тие акти да се искористат за подготовка на предлог-одлуки на Владата за укинување на статусот културно добро, иако на сите им било познато дека не се исполнети законските услови од член 61 од Законот за културно наследство.

Невистинити и неовластени документи

И покрај тоа што поранешната директорка на Републичкиот завод, Дубравка Ѓукановиќ, претходно одбила да подготви ваков предлог поради недостиг на законска основа, Васиќ на 10 јули 2024 година, по налог на министерот, изготвил документ со невистинита содржина, на меморандум на Заводот, без законска процедура и без учество на овластени стручни лица.

Истовремено, и Ивановиќ подготвил документ со ист наслов и го предал на Јелача, иако знаел дека само Републичкиот завод има надлежност за таква постапка.

„Ќе го тужам Вучиќ“: Новинарот Саватовиќ вели дека неговиот живот може да биде во опасност откако српскиот претседател рече дека ќе го научи на ред

Јелача, по налог на министерот, ги презела натамошните дејствија, иако предметот бил во надлежност на друг сектор во Министерството. Таа подготвила предлози на владини одлуки со образложенија што содржеле невистинити податоци, тврдејќи дека двата завода биле овластени и доставиле образложени предлози – што не било точно.

Сите дописи ги потпишал Селаковиќ

Во периодот од 10 до 17 јули 2024 година, Јелача подготвила и дописи до други министерства и институции, со приложени неовластени предлози на одлуки. Сите дописи биле потпишани од министерот Селаковиќ, со факсимил, по што предлозите биле доставени до Владата на Србија.

Подоцна, со цел да се прикрие фактот дека Републичкиот завод не доставил законско образложение, министерот, според обвинителството, наложил дополнително „образложение“ кое било накнадно препакувано и претставено како официјален документ на Заводот.

Во обвинителниот предлог се заклучува дека сите овие дејствија биле спроведени свесно и со умисла, со користење службени документи со невистинита содржина, со што бил грубо нарушен правниот поредок и сериозно загрозено културното наследство на Република Србија.

Кушнер се повлече од проектот

За потсетување, Џаред Кушнер се повлече од планираниот проект за изградба на хотел „Трамп“ во Белград, откако проектот предизвика масовни протести и по поднесувањето обвинение против Селаковиќ.

„Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и кон градот Белград, ја повлекуваме нашата пријава и се повлекуваме во овој момент,“ изјави портпарол на инвестициската компанија „Афинити партнерс“.

Инаку, на локацијата на Генералштабот беше планирана изградба на хотел и на луксузни станови, во проект во кој беше вклучено и семејството на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот го водеше Кушнер, зет на Трамп, со учество на Трамп организацијата, управувана од Доналд Трамп помладиот и Ерик Трамп.

Србија одобри договор со Кушнер за изградба на луксузен хотел на местото на поранешниот генералштаб во Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот