Среќна Нова 2008-2016! Pse јo?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Такви околности се беа стекнале, што „блажената состојба“ на невестата веќе не можеше да се сокрие. Мицкоски вели ние бараме избори на 15 јули; Османи вели ние не одиме на избори без ВМРО; Дерковски вели, заборавете закони, нема седница на ДИК без датум од Џафери; Џафери вели, заборавете Устав и закони, додека нема консензус дека ДУИ не оди на избори без ВМРО, јас датум не распишувам…

Сега може и да се објави дека невестата е, навистина, трудна и се вика: изборна коалиција на ДУИ и ВМРО.

Среќна Нова 2008-2016!

Но, па – Pse jo?

И така во државава има повеќе луѓе кои не веруваат во постоењето на вирусот ковид-19, отолку оние кои се сомневаат во континуираната координација меѓу Ахмети и ВМРО. Ништо тука не е спорно, бидејќи нема поприродна коалиција од оваа и за овие избори: два стари партнери со долг стаж на партиска и персонална соработка, со перфектно разбирање на обостраните квази-националистички потреби и големите инвестирани (и реинвестирани) заеднички интереси.

Нашло лонче капаче. Со „дихтунг“ на експрес-лонец.

Рака на срце, таа меѓупартиска соработка, по своите изборни шанси, не е за потценување. Многу пати претходно е извежбана и дава проверено добри резултати. Не е едноставно изборно да се порази – освен тоа да го направат самите гласачи, се разбира, на фер и демократски избори. За што се создадени многу околности.

Сепак, на сето ова, еден пријател Албанец ми вели, вие Македонците ништо не разбирате: со своето однесување ДУИ, всушност, го држи ВМРО во „процесот“, за сосема да не забега во бојкот, и за да излезе на избори коишто, евидентно, ќе ги загуби – ќе треба, после, на Али споменик да му дигнете! (Не се согласивме за локацијата на споменикот, ама тоа е друга приказна, онаа за „Скопје 2014“…)

Од друга страна, целиот неделен говор на Мицкоски, навистина, беше крик за барање повод за бојкот на изборите. Лидерот на опозицијата делува како човек исполнет со голема фрустрација и неверојатно количество на лична омраза кон Заев. Од почетокот до крајот, целата декламација беше во прво лице еднина (јас, па јас, па јас, па јас!), што е непристојна демонстрација на лидерско супер-его дури и за претседател на партија со познатата автократска тенденција на ВМРО-ДПМНЕ. Во говорот имаше повеќе пораки за разни кругови во партијата, отколку вообичаеното количество демагогија наменето за „здравјето“ на пошироката јавност. Нивните внатрепартиски нерасчистени сметки ја држат нацијата во состојба на заложник и на домашен и на меѓународен план.

Затоа, ако се овие од СДСМ паметни, можеби би требало, без губење време и без дополнителни надмудрувања – пред Мицкоски да го премислат, кој ќе слуша нови патетики!? – да го прифатат 15 јули како изборен датум понуден од ВМРО. Со тоа СДСМ ургентно ќе ја пресече сета неизвесност што ја гуши целата земја во бескрајните меѓупартиски натегања и дотурањето сол врз „живата рана“ на разгорената епидемија во земјава.

На сите ни е потребно рестартирање на надежта во очи на големите предизвици – здравствени, политички, економски – што ни ги носи неизвесната есен.

А и не е ред невестава да ја држиме во десетти месец бременост…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот