Средба со вокалната солистка Ана Петановска: Музиката е секогаш во мене и најдобро се изразувам преку неа
Младата вокална солистка Ана Петановска со само неколку настапи остави силен впечаток во јавноста, а блескава трага во нејзиниот понатамошен развој ќе има концертот „Најдоброто од Копров“.
Препорачано
Македонската публика ја запозна 20-годишната вокална солистка Ана Петановска по настапите на неколку врвни музички настани, како традиционалниот концерт на Националната опера и балет по повод празникот Василица, Оскаровската гала вечер со филмска музика, фестивалот „Белградска пролет“, а најсвеж во сеќавањата е концертот „Најдоброто од Копров“, што се одржа на 4 јули во Националната опера и балет во рамки на „Скопско лето“.
Таа е пејачка која го остава срцето на сцена, со нејзиниот магичен глас ја воодушевува публиката, а нејзината енергија и емоции остануваат долго по завршувањето на аплаузите.
На „Скопско лето“ го одржа концертот „Најдоброто од Копров“ заедно со неколку специјални гости. Од каде тргна идејата за концертот и како се чувствуваш по неговата успешна реализација?
– Еве, ќе тргнам со тоа дека концертот испадна поуспешен проект од она што очекувавме со тимот од многу аспекти. Имаше голем интерес, навистина преовладуваа многу топли и носталгични емоции, самите музичари беа прекрасна екипа на која од срце ѝ се заблагодарувам за иницијативата, вложеноста и посветеноста која ја донесоа со себе и на секого му посакувам таков професионален тим.
Понатаму, фидбекот ми донесе толку силен ветер в грб, ми значи од сѐ срце сечиј збор и коментар, а и баш со тоа како луѓето го доживеаа целото ова јас се чувствувам пресреќно, исполнето, како да имаме завршено и запечатено еден голем белег. Чувствувам одговорност, голема чест и задоволство како пејач и главен интерпретатор на таа вечер.

Со каква возбуда го изведуваш творештвото на Копров?
– Морам да признаам дека возбудата тука е во форма на одговорност, бидејќи творештвото на Копров, украсено со незаменливите гласови, ми стана многу поблиско овој период, заклучно со нашата соработка од оваа година. Неговата музика има толку многу вредности од различни времиња и од мноштвото соработки и навистина ми претставува чест што можам да кажам дека соработувам со Копров. А во негово друштво е секогаш забавно!
Првпат се запознавме пред околу три години на пат кон Небрегово, каде изведе песна од Блаже Конески со свој музички аранжман. Како ја чувствуваш потребата во себе да се изразиш со музика?
– Музиката е секогаш во мене и најдобро се изразувам преку неа, работите кои не можам да ги кажам или чувствата кои не можам да ги материјализирам во зборови ги изразувам преку музицирање (пеење, свирење бас, пијано, гитара…). Низ пеењето ме следи емотивната состојба која ќе се одрази низ него, па така успевам да ги „искажам“ и некако таму остануваат, повеќе не ме следи тешкото, како да ги запишувам во дневник.
За мене лично, потребата да се изразам може да варира, но секогаш сакам барем еден сегмент од она што го творам да има доза на себеизразување, или дадено парче да „зборува за мене“ или „да го има мојот белег“. Исто така, многу ретко одлучувам да се изразам преку текст во дадена песна.
А конкретно, еве за песната во Небрегово, навистина се чувствував како да не можам доволно да се изразам, што многу често ми се случува кога имам многу емоции или ставови за дадена тема.

Во кој правец планираш понатаму да го развиваш својот музички талент?
– Би сакала да продолжам да го градам професионалниот дух со сите планирани тековни искуства, да се изработуваат авторски материјали, турнеи – соло пеењето да ми стане фултајм професија.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 239, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.7.2024)


