Средба со историчарката на уметност Ангела Витановска: Смели рецензии на уште посмели концепти

Кураторството, кураторските практики и, пред сè, истражувачката работа што доаѓа следствено со тоа, се главен предмет на интерес на историчарката на уметност Ангела Витановска.

Со редок талент за препознавање на вредноста на просторните трансформации и експериментирањето со медиуми, младата историчарка на уметност и куратор Ангела Витановска прави впечатливи рецензии на изложбите на помладата генерација уметници. Делата што ги анализира опфаќаат различни теми; од еколошка свест и родови прашања, па сѐ до општествени проблематики.

Витановска е дипломиран историчар на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во изјава за „Културен печат“, објаснува дека интересот, како и одлуката професионално да се занимава со уметност, не се случува одеднаш, туку напротив, кај неа се присутни отсекогаш.

– Цртам откога знам за себе и овие најрани спомени се поврзуваат со мојата мајка, која е и најзаслужна за она што сум денес. Овој поттик и поддршка од моите родители, во средношколските години резултираа со посериозен ангажман во областа на визуелната експресија, со учество на повеќе ликовни колонии, работилници и проекти. Меѓутоа, и покрај сето ова, отсекогаш повеќе ме привлекувала историјата и теоретската страна на уметноста, желбата за истражување, проучување и анализирање, да откријам што стои зад едно уметничко дело, кога и под какви околности било создадено… Поради ова и не можам да кажам дека особено долго се двоумев дали академската надградба да ја продолжам на Факултетот за ликовни уметности или на Институтот за историја на уметност, па за кратко се најдов пред вратите на Филозофскиот факултет, со непоколеблива решителност и сигурна повеќе од што било друго во она што вистински го сакам, и она што вистински сум јас – историчар на уметност – вели таа.

За неа, влијанијата врз уметничкиот концепт условно зависaт од времето во кое живее и егзистира уметникот, како главен критичар и визуелен „записничар“ на своето време. Активно следејќи ја уметничката сцена уште од студентските денови, импресионирана е од сѐ посмелите концепти на помладата генерација уметници.

– Забележувам дека во последно време одредени поединци од младата генерација истапуваат со доста смели концепти кои вклучуваат и активно ангажирање на публиката, просторни трансформации и експериментирање со медиуми, но и теми кои го разработуваат менталното здравје, еколошката свест, родовите прашања, институционалната критика и други општествени проблематики со кои сме принудени да се соочиме, независно дали на локално или глобално ниво – прецизира Витановска.

Ангела Витановска е импресионирана од сѐ посмелите концепти на помладата генерација уметници

Сепак, предупредува и дека пристапноста до огромен фонд на информации и постојаниот „натпревар“ и експонирање на социјалните платформи, иако влијае позитивно на креативниот дух, може да доведе и до негова стагнација, што „несомнено се забележува меѓу најмладите автори“.

– Од една страна, забележуваме автори со исклучителен творечки елан и незапирлива желба за експериментирање со нови техники, интегрирање на традиционалните со новите медиуми и потрага по нови и уникатни решенија. На сосема другата страна од овој спектар се наоѓаат автори кои се соочуваат со тешкотија да направат чекор од веќе познатото, продолжувајќи да творат во еден ист, академски манир – објаснува таа.

Во тој контекст, додава и дека многу ѝ значи тоа што е дел од Младинскиот културен центар и што има прилика преку рецензиите да влијае на подобрувањето на критериумите на современата ликовна сцена. Овој исклучителен предизвик, како што вели, сепак не е единствениот во нејзината кариера.

– Со нетрпение ги очекувам сите проекти и соработки што треба да се случат во текот на 2022 година, а за кои, се надевам ќе имаме можност да зборуваме во некоја следна прилика – заклучува Витановска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 117, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот