Луѓето како нас се дружат за да можат да прават песни / Фотографија: Зденко Петровски – ЗдеПе

Средба со бендот „21 Век“ пред нивниот концерт во МКЦ: Едвај чекаме да истрчаме на домашен терен

Како што наближува први септември, така расте возбудата околу, како што е насловен, Првиот самостоен концерт на „21 Век“ во МКЦ, а денот на концертот со нетрпение го чекаат и публиката и музичарите што ќе настапат.

Речиси и да нема град на Балканот каде што не настапиле, редовно добиваат покани за фестивали во Србија, Хрватска, Словенија, Босна, Црна Гора, а некогаш нивните турнеи траат и по цел месец. Скопскиот бенд „21 Век“ со својот искрен пристап кон музиката и кон публиката секаде се прифатени како „свои“. Но, тие секаде кажуваат дека се „скопски бенд“ и токму затоа настапот пред скопската публика најмногу им значи. Затоа се создаде многу возбуда околу нивниот Прв самостоен концерт во МКЦ.

Тоа не значи дека првпат настапуваат во Скопје, бидејќи имале повеќе настапи и на „Здраво млади“ и на други скопски музички фестивали, но сега првпат настапуваат со свој концерт, а со себе на сцената повлекуваат уште три млади групи. Нивните песни на концертите се пеат во хор со публиката, а нивните видеа на Јутјуб добиваат илјадници прегледи и лајкови.

Во составот на бендот „21 Век“ се Васко Атанасоски, Дени Крстев и Раде Јордановски, и сите тројца одговараат на прашањата од „Културен печат“.

По серија настапи низ целиот Балкан и пола Европа во изминативе години, кој беше одлучувачкиот мотив за Првиот самостоен концерт на „21 Век“ во МКЦ во Скопје?

Раде: Дома си е дома. Да се отсвири и да се биде дел од добар концерт во Скопје е еден од оние моменти кои остануваат засекогаш, моменти за кои вреди да се живее. Имавме неколку такви настапи во Скопје минативе години, а овој „соло“ концерт реално требаше да се случи и порано. Еднаш моравме да го откажеме поради ковид-пандемијата, но еве сега си го пронајде датумот. Едвај чекаме да истрчаме на домашен терен, вечерна, под рефлектори. Први септември, МКЦ, време и терен идеални за игра. Нема нешто што би претставувало поголем мерак за еден скопски бенд.

Дени: Концерт во Денсинг салата на МКЦ е еден од најважните чекори во развојот на секој скопски бенд. Прашањето никогаш не било „дали?“, туку „кога?“. Сега се наредија ѕвездите за тоа да се случи.

Концерт во Денсинг салата на МКЦ е еден од најважните чекори во развојот на секој скопски бенд / Фотографија: Зденко Петровски – ЗдеПе

Сепак, нема да настапите сами, туку како предгрупа им давате шанса да се покажат неколку млади групи. Кој вам ви даваше таква шанса?

Раде: Би биле среќни да можеме да им дадеме и многу повеќе шанси, простор и поддршка, не само на овие три одлични групи („Vagina Corporation“, „Мариналеда“ и „Red 18“) со кои на огромно задоволство ќе ја делиме бината на овој концерт, туку и на многу, многу други. Има во Македонија еден куп квалитетна музика, автори, бендови. Но, за жал, не сме баш плодна средина за давање шанси, можности итн. Многу други работи овде отидоа по ѓаволите, па што останува за културата, музичката сцена итн.? Веројатно само соништа и копнежи за некои општо подобри времиња. Еден мал апел до помладите колеги – не чекајте кој било да ви даде нешто, земете го сами. Створете го својот свет, сонувајте на големо, но не се разочарувајте кога работите не одат како што треба. Милиони, можеби и милијарди деца низ светот земаат некој инструмент, се обидуваат да направат група, да снимат, да направат издание. Само на мал број, веројатно мерливо во промили, тоа ќе им успее. И тоа не секогаш ќе бидат најдобрите, најталентираните. Ако чувствувате дека музиката е вашиот животен повик, творете, гризете, организирајте свирки, издавајте албуми. Добрата песна во секој случај ќе си го пронајде патот.

Дени: На пример, мене таква шанса ми давале двајцата со кои ќе свирам во МКЦ на први септември.

Васко: Убава шанса беше таа во 1998 година, кога „Архангел“ ја поканија мојата тогашна група да настапи пред нив и неколку илјади луѓе на тогашниот Скопски саем. Уште една убава шанса беше во 2007 година, кога Грга ѝ даде шанса на мојата тогашна група да настапи за првпат… и така, младите групи си доаѓаат, шансите си се редат, некои ги добиваат и користат, а други не.

Песни базирани на вокал, соло и бас гитара и ритам машина. Сурово до коска. Дали тоа е најдобриот рецепт за чист и искрен рок-израз?

Раде: Не дека постои некое правило, а и ние не готвиме баш по рецепти, туку повеќе на осет. Но, овој концепт од почетокот одлично ни легна и ептен сме среќни како функционира. Дизајниравме бенд каков што отсекогаш сме посакувале и замислувале, а формата е само форма.

Дени: Оваа варијанта е веројатно најпрактична, а изразот би ни бил чист, искрен и сиров во секаква постава.

Каква музичка хемија ве поврзува вас тројцата?

Дени: Тројцата имаме барем 40 отсто сличен вкус за музика, што е доволно. Сепак, сметам дека најмногу нè врзува фанатичната вљубеност во музиката.

Васко: Постојат луѓе кои можат да живеат без да прават песни. Ние не сме тие луѓе. Луѓето како нас се дружат за да можат да прават песни.

Дизајниравме бенд каков што отсекогаш сме посакувале и замислувале / Фотографија: Зденко Петровски – ЗдеПе

Колку минатото („FxPxO“, „Хахаха“, „Бернајс пропаганда“) дава правец на иднината („21 Век“)? Или сето тоа се паралелни светови?

Васко: Минатото е темелот на „21 Век“, и секако има улога во правецот на нашата иднина, но сепак мислам дека по пет години и три албуми дури и бубашвабите разбраа дека овие песни се приказни сами за себе. Инаку, секоја група си има своја приказна и мит е тоа дека се учи од грешките и успесите на своите поранешни групи. Искреноста, среќата и издржливоста се сегменти што често доаѓаат и пред талентот. Чим раскажувам сум преживеал ли?

Од што ќе зависи репертоарот на концертот – од вас или од публиката?

Дени: Прво ќе зависи од нас, а потоа од публиката.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 193, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-28.8.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот